Прилеп: Партиската припадност клуч и за социјална помош!

Многу прилепски семејства изминатава деценија се жалеа дека се избришани од списокот на корисници на законското право на социјална парична помош, само затоа што се членови и симпатизери на опозиционите партии, но најголем дел од нив, немаа доволно храброст јавно да реагираат.

Меѓу нив е и нашата соговорничка, прилепчанка која инсистираше на своја анонимност.

„Ме гледаа на митинзи. И само затоа што бев член на СДСМ, ми го скратија правото на социјална помош, а бев самохрана мајка. Низ годините, судбината ми се смени целосно, сега сум корисник на семејна пензија, па веќе нема што да ми скратат. Но, познавам семејства кои како мене, го загубија тоа право“, ни изјави граѓанката од Прилеп.

Бројот на реакции во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа (МЦСР) - расте. Надлежните информираат дека ќе ги разгледуваат сите претставки, реакции и жалби на граѓаните, кои што се сомневаат или тврдат дека партиската припадност и политичката провиниенција воопшто, била причина за губење на правото на социјална парична помош.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=KRRe9ExggTQ[/youtube]

Според директорот на МЦСР на Живко Силјаноски, несфатливо е како бројот на корисници на ова законско право од околу 7.000, пред десетина година, сега е намален за преку 5.000.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=Hwa6ETDSI0k[/youtube]

Од прилепскиот МЦСР ги охрабруваат сите граѓани да се обратат за помош, ако се убедени дека им е скратено ова, или други социјални права согласно со закон. Оттаму се категорични во ставот, дека правото на социјална заштита е гарантирано со закон и не смее никој да се поставува над законот.

 

Моника Талеска