Власта и опозицијата итно да најдат излез од кризата и да преземат одговорност за иднината на Македонија, за судбината на нејзините граѓани.
Ристо Поповски
Со оваа заедничка порака меѓународните институции: ЕУ, НАТО, ОБСЕ, кои до сега изразуваа сериозна загриженост за политичката криза во Македонија, преминаа во отворен и силен притисок врз премерот Никола Груевски и лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски.
Двајцата лидери не се спомнуваат директно, но јасно е на чија адреса, во средата, беше упатена заедничката порака. На меѓународната заедница, како и на домашната јавност, сосема и е јасно, кој ја предизвика и од кого зависи решението на кризата, која сериозно ги загрозува, не само евроатланските интеграции, туку и стабилноста на државата и иднината на граѓаните.
Најпрецизно овој став го изрази еврокомесарот за проширување Штефан Фуле со пораката: „Време е за комрпомис. Време е вашите граѓани да се стават на прво место“.
Пораката е упатена до Груевски и Црвенковски, не само како носители на функции, главни актери на кризата, туку и поради нивната заслепеност од суети. Ниту сакаат, ниту можат да видат, дека жртви на нивната лична нетрпеливост се државата и граѓаните.
Засилениот и координиран притисок на меѓународната заедница уследи откако секавично, на предлог на владата, беше продолжен рокот за локалните избори. Опозицијата, уште побрзо ја отфрли „подадената рака“, го зацементира бојкотот.
Потезите на лидерите, ако така можат да се наречат, само ја продалбочуваат кризата, а роковите за напредокот на Македонија кон ЕУ, веќе се мерат со денови, речиси со саати. Поради суети и личната нетрпеливост „заборавени“ се и евроинтегацијата, како многу други суштински, витални прашања. Европските институции „немаат време за чекање“ и сериозно предупредија на опасноста од подолгорочно „замрзнување“ на европската перспектива на Македонија.
Надворешниот притисок, кој може и да се засили за некој степен, е последен обид, на меѓународната заедница. Тој треба да биде поттик, но не може да ја реши кризата. Одговорноста и решението е во раце на Груевски и Црвенковски. Од нив зависи стабилноста и иднината на државата.
Што и да направат наредниве денови јасно е дека не можат да ја одбегнат одговорноста поради однесувањето изминатите месеци. Нивните суети, колку и да не сакаат, или не можат, да видат, само го уриваат нивните рејтизи, кои очигледно многу им значат. Довербата на граѓаните сериозно се намалува, бидејќи личното „надитрување“ само ја продлабочува кризата и неизвесноста.
Груевски и Црвенковски, сакале или не, сами се туркаат кон словенечкото сценарио каде што граѓаните излегоа на улица и јасно рекоа дека немаат доверба во лидерите на власта и опозицијата, кои државата ја доведоа во криза.