Притисоците продолжуваат

Мобилната екипа на набљудувачите на Цивил и претседателот Џабир Дерала направија обиколка низ повеќе општини на Македонија, за да се запознаат директно со локалните набљудувачи и граѓаните за состојбата после изборите. Во оваа посетата беа опфатени општините Штип, Струмица, Кавадарци, Прилеп, Битола, Ресен, Охрид, Гевгелија, Струга, Кичево, Тетово, Гостивар, Брвеница, Кочани и Неготино. На овие средби беа установени низа состојби кои упатуваа на продолжен притисок врз граѓаните и широко распространет страв.

Се забележа реваншизам кон оние кои не гласале или, пак, кон тие кои не им помогнале на партиите од владеачката коалиција. Во сите овие општини беше забележано раздвижување на инспекциските служби со селективен избор на приватните фирми. Забележано е зголемување на партиски вработувања, вклучувајќи ги и приватните фирми, кои се под притисок од владејачките партии.

Продолжува конфронтацијата на албанските партии ДУИ и ДПА на локално ниво, при што партиските активисти разменуваат аргументи која од овие партии ќе биде на власт. Од друга страна, се чувстува триумфализам на активистите на владеачките партии. На широко се промовира ставот дека ВМРО-ДПМНЕ е непобедлива. Тоа е придружено со повици кон граѓаните да ѝ се приклучат на владејачката партија и да земат членски книшки. На граѓаните им се закануваат дека ќе ги изгубат своите работни места и други бенефиции, доколку не го направат тоа.

Во моментов многумина земјоделци се во очекување на исплата на субвенции, кои им биле ветени пред изборите. Меѓу земјоделците се чувствува нервоза затоа што сé уште нема сигнал дека тоа ќе се случи.

Голем број волонтери во јавната администрација се надеваат дека ќе добијат решенија за трајно вработување. Само дел од нив ќе бидат примени на работа, односно тие кои докрај ги спровеле активностите на партиите, вклучувајќи ги и списоците со сигурни гласачи во текот на изборниот процес.

Мобилната екипа и аналитичкиот тим на Цивил ќе подготват подетален извештај од пост-изборното набљудување, кој ќе биде објавен идната недела.

Арбана Ќерими

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish