Прекршочна пријава за српска активистка за комеморација за жртвите во Сребреница!?

Анита Митиќ, активистка од Младинската иницијатива за човекови права од Србија, денеска во 11 часот, во Судот за прекршоци во Белград, беше на првото сослушување за прекршочната пријава за организирање на комеморација за одбележување на 20-годишнината од масакрот во Сребреница!

Минатата година, во име на својата организација, таа на Фејсбук, ги повика граѓанките и граѓаните на Србија да се приклучат на комеморацијата, и на тој начин, на 10 јули 2015, да се одбележи, за да не се заборави - геноцидот во Сребреница. Таа беше една од организаторите на планираниот настан #sedamhiljada, со цел симболично да се соберат 7.000 луѓе, и на тој начин да се оддаде почит на исто толку стрелани бошњачки мажи и момчиња во Сребреница од босанските Срби во јули 1995 година.

Повикувајќи се на безбедносни ризици, српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, го забрани, закажаниот и уредно пријавен, јавен собир. Според тогашните негови изјави, морал да преземе мерки кои ќе гарантираат мир и безбедност, бидејќи истовремено, многу десничарски групи ќе се обидат да одржат собир.

Анита Митиќ беше една од 200 лица, која и покрај забраната, на денот кога беше закажан собирот, излезе, и со свеќа во раце, ја одбележи 20-годишнината од масакрот во Сребреница. Одговорот на ваквиот пркос беше контра-протестот на десничарските групи кои со транспаренти „Престанете да лажете за Сребреница!“, пееле националистички песни.

Истовремено, во Босна, на комеморацијата во Сребреница, српскиот премиер, Александар Вучиќ, беше нападнат од ожалостените Бошњаци и беше принуден да го напушти настанот.

Во интервјуто за BalkanInsight, на 29 јануари, Митиќ изјави: "Тоа е доказ дека српскиот премиер може да оди на комеморацијата за геноцид во Сребреница, но дека Белград нема ништо со тоа. Тоа значи дека признавањето на жртвите од геноцидот во Сребреница и на одговорните луѓе, не е дозволено во Белград “

Иако Вучиќ беше на официјалната комеморација, и покрај пресудите на меѓународните судови, официјален Белград, одбива да го признае масакрот во Сребреница како геноцид. Митиќ на тоа одговара дека со самото тоа што зборот „геноцид“ бил ставен во наводници во прекршочната пријава, е уште еден знак за континуирана политика на негирање на српските власти.

Акцијата која Младинската иницијатива за човекови права ја подготвуваше за денеска пред судот, фотографирање со транспарентот #NijeOnaNegoJa, е дел од кампањата која ги собра сите граѓанки и граѓани кои на 10 јули 2015, почуствувале дека требале да излезат на улица во чест на жртвите на Сребреница, и кои, како Митиќ, преку социјалните мрежи ги поканиле своите пријатели да го сторат истото.

ЦИВИЛ изразува поддршка до Иницијативата и до активиската Митиќ, повикувајќи ги да не се откажат од борбата за човекови права и слободи. Соочувањето со минатото и со обидите за негово фалсификување, во насока на оние кои што како „побединици“ излегуваат од воените конфликти, е  предизвик за согледување и прифаќање на вистината.

„Од најголема важност е да се развие конструктивен и идноориентиран концепт за справување со минатото за сите постконфликтни општества и земји кои транзитираат кон демократија“.

Со оваа порака од „Соочување со реалноста“, публицирана од ЦИВИЛ и Форум Цивилен мировен сервис - Македонија, на госпоѓа Митиќ и на нејзините истомисленици во Србија, им посакуваме истрајност во нивната борба како активисти, за граѓаните на Србија да успеат на мирен и демократски начин да го надминат конфликтното минато.

Подготвила: Б. Јордановска