Граѓанското новинарство во Македонија претставува нов концепт што ЦИВИЛ – Центар за слобода веќе девет месеци го промовира преку проектот “Граѓански објектив”. Граѓанските новинари кои секојдневно испраќаат фото и видео содржини што сведочат за прекршувањата на човековите права и слободи, се последната барикада на слободните медиуми, последната линија на отпорот против корпоративната политика на корумпираните моќници.
Во изминатиот период, како што изјави претседателот на ЦИВИЛ - Центар за слобода, Џабир Дерала, за Fair Press, “граѓанските новинарки и новинари му дадоа ново темпо, нова енергија на ова време – невреме. Тоа што медиумите одбираат да го прикријат, граѓанските новинари го откриваат. Тие се нивите воини на страната на фактите и вистината. Граѓанските новинари истражуваат, снимаат, фотографираат, прават интервјуа, прибираат сведоштва и докази за сè што моќниците го кријат преку своите медиумски манипуланти”.
Текстовите, фото и видео содржините кои ЦИВИЛ ги објави и награди во рамки на натпреварувачките циклуси “Биди граѓански новинар”, ги поместија стандардите во објавувањето на фактите и вистината.
Во пресрет на новиот циклус, кога ќе се доделат последните пет награди за граѓанските новинари, потсетуваме на сите теми, проблеми, на прекршувањата на човековите права, на изборните манипулации, на притисоците и заканите, на мобингот на работното место, на партиските притисоци врз социјално загрозените лица..., за кои сведочат пријавите кои се дело на сите оние граѓанки и граѓани кои сакаат да направат промена преку објективното известување.
Последните пет награди кои ги додели ЦИВИЛ, се однесуваат на злоупотреба на службени ресурси во партиски цели во Крушево. Фото-веста, „Користење на службени возила за партиски цели“ , зборува за непостоењето на поделба, односно за киднапирањето на државата и државните институции од партијата на власт.
Од Тетово ни пристигна видео-веста „Ниту нивните гревови не ги даваат…“ , приказна за манипулациите со неисполнетите ветувања и со партиските притисоци врз ромските гласачи.
Награда доби и видео материјалот „Неовластено снимање во Битола“ , која сведочи за неовластено снимање од вработен во СВР, на протестите на Шарената револуција.
Граѓанскиот активизам во борба против урбаната мафија во општина Карпош, преточен во веста: „Граѓаните од Тафталиџе го бранат паркот од општинските власти“, е уште еден од наградените прилози.
Веста: „Приведен возачот на комбето на Шарената револуција“ е пример за тоа како граѓанските новинари кои секојдневно се на терен, можат први да информираат за тоа што се случува. Со брзата реакција на граѓанската новинарка, редакцијата на ЦИВИЛ Медиа имаше можност прва да ја алармира јавноста за приведувањето на возачот и совозачот на комбето на Шарената револуција, под силно полициско обезбедување, непосредно по завршувањето на протестот под мотото „Хорхе ти си срам за Македонија“, одржан на 30 мај.
Претходните награди кои ЦИВИЛ ги додели се стории кои сведочат за притисоците со кои се соочуваат сите кои размислуваат различно од паријата на власт, независно дали станува збор за единствениот орален хирург во Источна Македонија, или се работи за уредникот на единствениот медиум во Берово. Сториите на граѓанските новинари, потврдуваат дека власта е безмилосна кон секого кој гласно говори против деструктивните политики во сите сфери од живеењето.
Притисоците врз невработените лица, со закани и уцени од Агенцијата за вработување, за бришење од евиденцијата на невработени, како и злоупотребата на лични податоци и телефонски повици за дополнителни проверки, непосредно по завршувањето на теренската проверка на Државната изборна комисија, се наградените стории кои пристигнаа од граѓанските новинари токму од Битола.
Општини без гинеколог, смртни случаи на родилки, бебиња кои умираат при породување, се само дел од резултатите на лошите реформи во здравството. Според фото-содржината која пристигна од граѓанскиот новинар од Скопје, тоа не е пречка за гинекологот во амбулантата во општина Петровец, да побара да биде првиот кој ќе биде известен и за „планирање на бременост“ во семејствата.
И протестите кои се случуваат секојдневно низ градовите во Македонија, беа дел од проектот „Граѓански објектив“. Дел од наградените видео и фото стории, се однесуваат на продемократските протести, испратени од граѓанските новинари и активисти. Тука не изостануваат ни заканите и уцените, за присуство на контра-протестот во Скопје, кога беа носени контра-демонстранти од цела Македонија, како и бришењето на натписите испишани од демонстрантите на Шарената револуција.
За пристап до ФОРМУЛАР ЗА УЧЕСТВО кликнете ТУКА. Прилозите може да се испраќаат и на [email protected], а доколку материјалот е преобемен, треба да се користат онлајн сервисите за трансфер, како WeTransfer.
Наградите беа доделени во рамки на проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, финансиран од National Endowment for Democracy.
Оваа вест е достапна и на: Albanian