ЦИВИЛ - Центар за слобода опстојува на целосната поддршка на Студентскиот, Средношколскиот и Наставничкиот пленум во борбата за поквалитетно образование во Македонија!
Студентскиот пленум денеска ѝ порача на власта дека борбата за студентски права и за поквалитетно образование во Македонија продолжува, а од своите колеги – бруцошите побара да продлжат да се борат за остварување на нивните барања за укинување на лошите реформи, како што тоа го правеа додека беа средношколци.
На симболичниот прв час во новата учебна година 2015/16, на платото пред УКИМ во Скопје, пленумците ги запознаа новите колеги со студентските права, излегувајќи со дециден став дека заложбите за подобри услови и за повисок стандард на студентите, ќе продолжат и годинава.
„Ние сакаме да ги отвориме сите студентски прашања кои не се спомнати никаде. Продолжуваме силно и моќно да се бориме со сите проблеми кои ги имаат студентите како што се руинираните студентски домови и намалениот студентски стандард“, порача пленумецот Демијан Хаџи-Ангелкоски.
ЦИВИЛ и во оваа прилика му изразува поддршка на Студентскиот пленум за сите негови барања, исто како што го поддржа Средношколскиот пленум кој беше мета на напад во говорот на премиерот Никола Груевски, кој ги обвини пленумите за партиска обоеност и за политизација на нивните протести.
„Битката меѓу Вас и нашиот пленум е политичка, но никако не е партиска! Знаете, разликата помеѓу политичко и партиско делување и спротивставување е огромна, и за нас е загрижувачки тоа што Вие, како премиер, како личност на врвот на нашата држава и истакнат политичар, овој факт не го знаете“, му напишаа средношколците на премиерот, обвинувајќи го дека токму тој се обидува врз нивниот грб да стекнува политички поени.
ЦИВИЛ – Центар за слобода ја повикува македонската јавност да ја поддржи младоста и иднината на државава, во нивната борба за поквалитетен живот во Македонија, како и да застане зад оправданото барање на Наставничкиот пленум, кој минатата недела поднесе претставка до Уставниот суд, со која, потпишаните над 1,000 наставници ги оспоруваат членовите од Законот за основно и средно образование кои се однесуваат на екстерното оценување и кои според просветните работници, се погрешен модел за оценување на квалитетот и знаењето на учениците.
#ПоздравПленумци!