Насловната страница на последниот број на Граѓански

ПРОДОЛЖУВА ДА ГАСНЕ МЕДИУМСКИОТ КВАЛИТЕТ

Во држава во која владата е најголемиот огласувач, а особено кога станува збор за ваква влада како нашата, тешко може да се очекува дека еден медиум ќе опстане единствено благодарение на својот квалитет. Доволно е да се погледнат рекламите во многу медиуми кај кои тешко може да се види и „п“ од професионализам или „о“ од објективност

Илир Ајдини

Медиумскиот простор во Македонија продолжува да се чисти, но не од шкартот и неквалитетот туку, за жал, баш напротив – од квалитетот и професионализмот.

Либертас.мк денеска ја објави информацијата дека вечерва во продажба ќе излезе последниот број на неделникот Граѓански, еден невообичаено квалитетен и професионален медиум за наши прилики.

Насловната страница на последниот број на Граѓански

Насловната страница на последниот број на Граѓански

Според информации на порталот,  „затворањето на весникот е од финансиски причини, односно поради неможноста да се обезбедуваат приходи за негово понатамошно функционирање“.

Не е тешко да се претпостави дека неделник со толку ниска цена (20 денари), на македонскиот медиумски пазар, не може да се одржи само од продажба и дека својата егзистенција може да ја обезбеди единствено ако буџетот го дополнува со реклами.

Сме кажале и порано, а ќе повториме и во оваа прилика: во држава во која владата е најголемиот огласувач, а особено кога станува збор за ваква влада како нашата, тешко може да се очекува дека еден медиум ќе опстане единствено благодарение на својот квалитет (а, патем, и да има такви медиуми, власта наоѓа начин да ги „реши“. Знаеме сите како тоа го направи со А1, А2, весниците Шпиц, Време, Коха...!). Доволно е да се погледнат рекламите во многу медиуми кај кои тешко може да се види и „п“ од професионализам или „о“ од објективност, а кои и покрај нивните тиражи (или рејтинг на гледаност кај телевизиите) живеат како „бубрег во лој“.

И не е проблемот само тоа што оваа Влада не ги дава своите огласи во медиумите кои не и се по волја, што во конкретниов случај значи медиуми кои известуваат објективно, без величање на нејзините проекти, туку овие огласи не се даваат ниту во оние медиуми за кои смета дека, по својата природа, не можат да и помогнат во реализација на нејзината главна цел: перењето мозок и упорното убедување на народот дека ВМРО-ДПМНЕ, а посебно нејзиниот лидер, премиерот Груевски, се најдоброто нешто што можело да ѝ се случи на Македонија. Проблем е и тоа што власта, како најголем работодавец во земјата, на различни начини им дава „насоки“ и на повеќето од другите потенцијални огласувачи (малкуте компании кои можат да си го дозволат тоа) кај кои медиуми да пуштаат реклами. Знаеме дека има средства и начини да се држат во рака таквите компании, а видливо е и дека оваа власт многу добро научила како таквите средства (еден од магичните зборови е „тендери“!) многу успешно да ги користи.

Слушаме во последно време дека и еден дневен весник (се разбира, не еден од „групацијата“, тие си знаат на која страна да си застанат!) се соочува со финансиски проблеми и дека е можно да згасне. Причината е истата која ја спомнавме – немањето огласи и неможноста да се опстане од продажба. Се разбира, весникот не ги велича „секојдневните успеси“ на Владата. Лесно можеме да видиме и во што се претвори една национална телевизија која важеше за опозициска, откако го промени сопственикот, а кој е, претпоставувате, „бизнисмен близок до власта“...

После сево ова што се случува, не верувам дека некој ќе се изненади од тоа што годинешново 116 место во светот по слободата на медиумите догодина ќе се смета за добра позиција. Само, не знам како македонската јавност ќе дојде до информацијата за степенот на слобода на медиумите во следното рангирање.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish