По две недели од почетокот на кампањата за претседателските избори и на прагот на кампањата за парламентарните избори, сé поочигледни се турбуленциите меѓу албанските партии Демократска унија за интеграција (ДУИ) и Демократска партија на Албанците (ДПА).
Со исклучувањето на градоначалникот на Струга, Зијадин Села од редовите на ДПА, се интензивира раздорот во партијата. Зијадин Села му упати ултиматум на претседателот на партијата, Мендух Тачи, ако изгуби на парламентарните избори, да ја напушти позицијата претседател на партијата. Тој истакна дека ако Тачи не се повлече, тогаш ќе започне внатрепартиска процедура за отпуштање на актуелното претседателство на ДПА. До завршувањето на парламентарните избори, огранокот на ДПА во Струга ќе воведе целосен мораториум на активности, без да сноси одговорност за изборниот резултат во овој град. Потресите во ДПА се засилуваат и по шпекулациите дека Мендух Тачи се среќава со првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, како и по изјавата на Тачи на митингот во с. Студеничани за интересот за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.
Од другата страна, на синоќешната конвенција на ДУИ во Скопје, учествуваше Имер Селмани, некогашен претседател на Нова Демократија. Меѓу другите, на оваа конвенција присуствуваа и други членови на партијата на Селмани, како што се Кастриот Хаџиреџа, Абедин Зимбери и други. Селмани, откако се отцепи од ДПА, ја формираше партијата Нова демократија, но бидејќи на последните парламентарни избори не успеа да обезбеди ниту еден пратеник, го напушти претседателството.
Во меѓувреме, Тачи ја обвини ДУИ за нереализираните проекти, издвојувајќи го тој за употреба на албанскиот како официјален јазик, интегрирањето на Македонија во ЕУ, како и дискриминацијата на Албанците. Од друга страна, Али Ахмети, во неговите настапи, става акцент на бојкотот на претседателските избори. Доскорешниот коалиционен партнер во владата повикува на бојкот на претседателските избори, со барања, во иднина, претседателот на државата да се избира со консензус на парламентарните политички партии.
Двајцата лидери на најголемите албански партии во земјава се сретнаа со амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Пол Волерс. Според изјавите, Ахмети истакнал дека нема да ги повика гласачите да излезат на претседателските избори, но и дека нема да попречи ниту еден граѓанин да ја изрази својата политичка волја во текот на изборите. Според сопствената изјава за средбата, Тачи го уверил американскиот амбасадор дека ДПА ќе биде дел од еден демократски изборен процес.
Арбана Ќерими