Средното училиште „Шаип Јусуф“ во општина Шуто Оризари, иако свечено беше пуштено во употреба на 2 септември, на почетокот на оваа учебна година, сé уште не работи!?
Училиштето и денес е затворено и нема предавања. Иако премиерот Никола Груевски, пред повеќе од еден месец, на свеченото отварање, свечено потенцираше дека отварањето на училиштето е од огромно значење за Општината и за граѓаните кои живеат таму.
„Ова е историски ден за општината Шуто Оризари и треба да остане во сеќавањата, бидејќи граѓаните на општината заслужуваат подобри услови за развој на образовниот процес. Со ова училиште се оди чекор понапред кон намалување на сиромаштијата и на невработеноста на жителите на оваа општина. Владата на Репубика Македонија ќе продолжи во континуитет да и дава поддршка на локалната самоуправа, сѐ со цел граѓаните да живеат во подобри услови“, истакна премиерот Груевски на вториот ден на учебната година.
По вчерашните залудни обиди на било кој начин да комуницира со надлежните институции во Општината и на државно ниво, екипата на ЦИВИЛ Медиа денес се обиде да влезе во училиштето и да праша било кој надлежен, кога конечно тоа ќе почне да функционира. Но, вратите и понатаму се затворени. Неофицијално, за директорка на средното училиште „Шаип Јусуф“ е поставена Амела Хаки.
Телефонски контактиравме со директорката Хаки, но наместо одговор зошто, и покрај сите громогласни верувања и бомбастични најави, средното училиште во Општината во која најголемиот дел од населението се етнички Роми, сѐ уште не функционира, таа побара да и кажеме како сме го пронашле нејзиниот телефонски број?! Откако и објаснивме дека нејзина законска обврска, како вршител на јавна функција, е да одговори на медиумски прашања од интерес за јавноста, Хаки ни вети дека во најкусо време ќе ни даде одговор. Потоа, и вчера и денеска, додека ја баравме за одговор, веднаш го исклучуваше апаратот.
Се надевавме дека одговор на прашањето зошто училиштето не работи, ќе добиеме од портпаролката на Министерството за образование, Ардиана Ќамили, но таа два дена не одговараше на нашите телефонски јавувања, ниту на СМС или на електронските пораки што и ги испративме. Се понадевавме дека одговор ќе добиеме можеби од Билјана Алексоска Треневска или од Теута Даши, кои се надлежни во Секторот за основно и средно образование, но и оттаму сé уште немаше никаков одговор на мејловите што им ги испративме. Го побаравме шефот на кабинетот на градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Аднан Мемед, но тој вчера, кратко на телефон ни соопшти дека е на состанок и дека подоцна ќе ни се јави, но немаше никаков одговор, како ни на мејл-пораката што му ја испративме.
Исто така, одговор на прашањето зошто Ромите и останатите средношколци, се уште не можат да учат во училиштето во Шуто Оризари, не добивме ниту од директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, Реџеп Али Чупи. Два дена се обидовме да стапиме во контакт, но, тој ниту се јавува на служебениот телефон, ниту одговара на мејл пораките.
Иако досега залудно, ЦИВИЛ Медиа се обидува и понатаму да дојде до одговор - зошто не работи средното училиште ,,Шаип Јусуф“? Особено, затоа што и поранешниот министер за образование Спиро Ристовски, уште на 20 февруари 2014 најави дека училиштето ќе почне со работа од 1 септември во учебната 2014/15 година!
Или, особено затоа, што откако ветувањето на ексминистерот Ристовски не се оствари, а и во новата учебна година 2015/16 година, училиштето беше свечено „пуштено“ во употреба од премиерот Никола Груевски, од актуелниот министер за образование Абдулаќим Адеми, од градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Елвис Бајрам и пратеникот Амди Бајрам... Откако ја исекоа лентата и им посакаа на идните средношколци многу успеси.
Уште повеќе, премиерот Никола Груевски најави дека за неколку дена во училиштето ќе има средношколци кои ќе ја следат наставата.
Во соопштението кое до ТВ 24 Вести го достави Министерството за образование, на стартот од оваа учебна година, децидно се вели дека за 15-тина дена, учениците ќе почнат со настава во училиштето: „Во наредните 15-тина денови, ќе се завршат сите административни формалности за префрлување на учениците од другите училишта низ Скопје, по што учениците од дисперзираните паралелки кои во моментот се лоцирани во другите училишта низ градот, ќе бидат сместени во овој нов матичен објект“.
На прашање на ЦИВИЛ Медиа дали знаат или дали воопшто слушнале од некого зашто не работи средното училиште во нивната општина, кога толку свечено (популистички) беше „пуштено во употреба“, жителите на Шуто Оризари ни одговорија со кревање раменици.
Дехран Муратов