Промената е во вашите раце

ПРОМЕНАТА Е ВО ВАШИТЕ РАЦЕ ГРАЃАНСКИ ОБЈЕКТИВ - ПРОЕКТ ЗА ПРОМОВИРАЊЕ НА ТРАНСПАРЕНТНОСТА И ОДГОВОРНОСТА ВО ПОЛИТИЧКИТЕ ПРОЦЕСИ ГРАЃАН(К)ИТЕ УЧЕСТВУВААТ, НАБЉУДУВААТ, ИЗВЕСТУВААТ.

Во оваа публикација, тимот на ЦИВИЛ што го спроведува проектот „Граѓански објектив - промовирање на транспарентноста и одговорноста во политичките процеси“ направи избор од текстови релевантни на темите со кои се занимава проектот. Доминираат текстови за лажните вести и говорот на омразата, но транспарентноста и одговорноста во политичките процеси, секако, е директно или индиректно, континуирана, трансферзална тема во најголем дел од содржините што се продуцираат во проектот, па така и во оваа публикација.
Ова е своевиден зборник на различни текстови што можат да послужат како едукативна материја и поттик за луѓето што работат во организациите на граѓанското општество, медиумите, универзитетите, но и многу пошироко, за сите граѓанки и граѓани. Воедно, оваа публикација претставува и своевиден, скратен водич низ темите со кои се занимава ЦИВИЛ во текот на спроведувањето на проектот „Граѓански објектив“.
Воедно, ова е публикација што претставува своевидно продолжение на претходните три публикации со заеднички наслов „Ние сме медиумите“, кои ги публикуваше ЦИВИЛ од 2016 до 2018 година.
Во периоди на политички превирања, кога во јавната комуникација сè почесто се употребува говорот на омразата и лажните вести, граѓанските новинар(к)и се тие кои може да придонесат кон општествените заложби за демократска и аргументирана јавна дебата, кон разобличувањето на дезинформациите, лажните вести и говорот на омразата.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да фотографираат, снимаат и да пишуваат извештаи за тоа што се случува во нивната средина, на работа, во соседството, во комуникациите, во контактот со институциите. Единствено со граѓанското учество и граѓанското известување од теренот, општеството ќе успее успешно да се справи со клиентелизмот и корупцијата. Граѓанското учество во секој сегмент од општествениот и политичкиот живот е вистинскиот избор за едно прогресивно интегрирано и одржливо општество, без предрасуди, без насилство, без злоупотреби и без корупција.
Промената е во вашите раце! - повикува ЦИВИЛ од самиот почеток на проектот во октомври 2015.
Активизмот и граѓанското новинарство, се меѓу најуспешните алатки со кои граѓанките и граѓаните имаат можност да бидат контролори на работата на државните и локалните функционери и институции и да вршат притисок тие да работат според законите, транспарентно и одговорно.
Како и повеќе пати порано, тимот на ЦИВИЛ, ќе ја искористи и оваа прилика, да ги повика читателките и читателите на оваа публикација да ги споделат овие содржини со своите пријателки и пријатели. Оваа публикација е од отворен карактер. Пишувајте нови страници во неа. Држете го вашиот објектив секогаш подготвен да ја улови и распространи вистината. Ние сме медиумите!
ЦИВИЛ Тим за комуникации

ПРЕЗЕМЕТЕ ТУКА.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish