Публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“ во издание на ЦИВИЛ – Центар за слобода, денеска беше промовирана во хотелот „Опера Хаус“, на завршната церемонија од проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“.
Проектот започна на 1 јули 2015, а заврши со денешната промоција на тријазичното издание на публикацијата на македонски, англиски и албански јазик, во која се застапени само дел од извештаите, анализите и наодите на проектниот тим, набљудувачите и известувачите на ЦИВИЛ, експертите и советниците на ЦИВИЛ од Македонија, Хрватска и САД, како и од сите граѓанки и граѓани кои му веруваа и го поддржуваа ЦИВИЛ во изминатиот период, во напорите за следење на политичкиот процес и за надминување на политичката криза во Македонија. Покрај печатеното издание, објавено е и ДВД со избор на материјали на македонски, албански и англиски јазик.
„Во текот на имплементацијата на проектот, ЦИВИЛ доби над 100 извештаи од долгорочните набљудувачи, над 300 пораки и пријави од граѓанки и граѓани по електронска пошта или на социјалните мрежи за кршење на гласачкото право и за други злоупотреби и нерегуларности, повеќе од 30 поединечни случаи на политички мотивирани притисоци и други нарушувања во образовните установи, над 300 пријави за најразлични недоследности во Избирачкиот список, и над 800 текстови, од кои дел се директни сведоштва за сериозни прекршувања, објавени од Редакцијата ЦИВИЛ Медиа“, изјави Биљана Јордановска, авторка и членка на проектниот тим на ЦИВИЛ.
Според неа, само мал дел од овие материјали се застапени на 180–те страници извештаи и анализи од вкупниот број на активности кои беа спроведени во рамките на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани.
Заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Хелге Зандер, им се обрати на присутните медиуми, претставниците на граѓанскиот сектор, претставниците на политичките партии и на меѓународната заедница, како и на присутните поддржувачи на ЦИВИЛ, и порача дека публикацијата пред сé, треба да се прочита од сите оние кои искрено се загрижени за политичката состојба и иднината на Македонија.
Од аспект на политичката состојба и на медиумскиот мрак, како и за тоа што не очекува во краткиот период до ноември, за кога се претпоставува дека ќе се одреди датумот за избори, зборуваа д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар и еден од авторите на публикацијата, Синиша Станковиќ и Џабир Дерала, како автори, но и како дел од тимот кој го спроведе проектот во периодот од јули 2015 – јуни 2016.
Проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ беше поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
ЦМ
Оваа вест е достапна и на: Albanian