Прочистување на само 40 илјади спорни гласачи од Избирачкиот список е каков-таков договор меѓу четирите политички партии-потписнички на Договорот од Пржино, само колку да се одржат предвремени избори, е ставот на претставниците на неколку политички партии со кои разговараше ЦИВИЛ Медиа.
„Започнувањето со чистењето на спорни гласачи од Избирачкиот список е договор меѓу Груевски и Заев, а ние со тоа, нема да имаме фер и демократски избори“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Ивон Величковски од ЛП.
Зулфи Адили од албанската опозициска партија Унитети, вели дека со повторното прочистување на 40 илјади граѓани од Избирачкиот список најпогодени ќе бидат Албанците.
„Новиот договор за прочистување на Избирачкиот список е таен договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да ги исчистат Албанците од Избирачкиот список. ДУИ и ДПА се само продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ и слушаат се што ќе им се каже, тие не ги застапуваат правата на албанската популација“, обвини Адили.
И Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите, вели дека во Шестата изборна единица, во Тетово, најмногу се спроведува прочистувањето на Избирачкиот список, меѓу ентички-албанското население.
„Некој не сака навистина да се расчисти проблемот со Избирачкиот список, само во Шуто Оризари има 7.000 илјади спорни гласачи. Јас сметам дека со ова прочистување на Избирачкиот список нема да се дојде до најдоброто можно решение за да се спроведат фер и демократски избори во најбрзо време“, истакна Ибраимовски.
Павле Трајанов од Демократски сојуз, вели дека Избирачкиот список не беше прочистен досега затоа што го забавуваа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со цел - да се пробијат роковите.
„Видовме дека има спорни 30 илјади лични карти, има околу 1.800.000 гласачи во државата, а тоа што сега се прави обид да се исчистат околу 40 илјади спорни гласачи, мислам дека е мала бројка и сметам дека ова е компромис помеѓу политичките партии. Со формирање на влада која ќе ги спроведе изборите и со назначување на новиот министер за внатрешни работи, само тогаш мислам дека Избирачкиот список ќе биде прочистен и ќе може да имаме услови за фер и демократски избори“, додаде Трајановски.
Во изминатиот период ЦИВИЛ - Центар за слобода објави голем број на извештаи и соопштенија за неправилности во избирачкиот список и за начинот на кој се спроведуваше теренската проверка, кои се дел од публикацијата „Слободни избори - услов за кој не се преговара“.
Дехран Муратов
Оваа вест е достапна и на: Albanian