Новото име на плоштадот “Магнолија” во Битола е “Шарена револуција”, а градоначалникот Владимир Талески е спремен за во затвор, се пораките кои ги испратија демонстрантите кои повеќе од еден месец секојдневно протестираат во Битола.
Протестот и синоќа започна од градскиот плоштад од каде демонстрантите продолжија пред општинската зграда. Таму, како што за ЦИВИЛ извести мобилниот тим од овој град, била поставена кукла со пелени со ликот на градоначалникот. Куклата има и сапун, како знак дека Талески, е спремен за во затвор, како што и скандираа демонстрантите.
Граѓанките и граѓаните, порачаа дека нема да дозволат да се извлече со аболиција и бараат да одговара за криминалите за кои го сомничи Специјалното јавно обвинителство.
По одлуката на Уставниот суд да ги откаже изборите на 5 јуни, битолчани бараат следниот чекор да биде укинување на аболицијата и затвор за криминалците од власт.