Протести низ цела Македонија и повеќе герила акции ги одбележаа изминатите денови. Со иновативна герила акцијa и Валандово се запиша на долгиот список на градови каде граѓанките и граѓаните секојдневно го изразуваат својот револт против владејачката гарнитура.
По најавата за доаѓање на претседателот Ѓорге Иванов во посета на неговото родното Валандово и манастирот Св. Ѓоргија, членови на младинската организација Мугра од овој град го поздравија со графити. Преку графитите валандовчани порачаа: “Оставка”, “Убијци”, “Шутка не ти бега Никола”, “Убиство не се крие, крв од раце не се мие”. Графитот кој што беше наменет лично до нивниот сограѓанин гласеше: “Хорхе, Валандово се срами од тебе”.
Според информациите од долгорочниот набљудувач на ЦИВИЛ од Валандово, за графитот испишан на зградата на Домот на културата, полицијата поднела пријава против непознат строител.
Транспаренти со различни пораки, викендов беа поставени и во Струмица, пред почетокот на саботниот протест. И овој протест го предводеше автомобил во кој бил поставен фикусот ,,Хорхе”.
На протестот, демонстрантите извикуваа: „Оставка”, “Нема правда, нема мир”, Уааа мафија” и фрлаа балони со различна боја по плакатите на претседателот Ѓорѓе Иванов и Никола Груевски.
Десеттиот протест по ред во Велес, како и сите претходни, помина мирно, без инциденти и насилство. Според долгорочниот набљудувач на ЦИВИЛ од Велес, на плоштадот С’рмаале, беа прочитани барањата на #Протестирам.
Контра-протестот во организација на ГДОМ, се одржа пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Полицискиот кордон, беше поставен меѓу двете групи демонстранти, со цел да се спречат судири и насилство. На контра-протестот зборуваше Елица Николова, директорка на Музејот во Велес.
На протестот во саботата во Битола, демонстрантите поддржувајќи ја “Шарената револуција”, во различни бои го обоија споменикот на Филип Втори, поставен на плоштадот Магнолија. Од таму, битолчани се упатија, кон канцеларијата на претседателот Иванов во Битола, и кон Основниот суд во Битола, кои исто така беа обоени во боите предвидени за јавните институции кои се дел од криминалната мрежа на владејачката партија.
Демонстрантите побараа ослободување на сите антивладини демонстранти. Протестот заврши пред зградата на Општина Битола, каде демонстрантите ги повторија барањата. Кај Офицерскиот дом, на другиот крај на Широк Сокак, се собраа граѓаните што ја поддржуваат власта, во организација на движењето ГДОМ. Тие бараа одржување на избори на 5 јуни, како единствен начин за излез од политичката криза.
Покрај тоа што недела е единствениот ден кога не се организираат про-демократските протести низ Македонија, битолчани повторно ги истакнаа своите барања, низ улиците во градот. Пред зградата на Општина Битола, поставен беше контејнер, со натпис: Гдомот на градоначалникот.
Во саботата, повторно протести и контра-протести во Кочани: две групи, со различни барања, но без простор за судири и насилство.
"Шарената револуција" по втор пат во Ресен. Демонстранти се упатија кон Основниот суд, кој беше опсипан со јајца. Ресенчани, веејќи македонски, албански и турски знаминња, продолжија кон зградата на Општина Ресен, каде беа пречекани од специјалните единици на полицијата. Демонстрантите беа „вооружени“ со боја и јајца кои ги фрлаа на зградата на општината. Истовремено, пред спомен куќата на др. Христо Татарчев, во организација на ГДОМ, се одржа контра-протест.
Протестите продолжуваат и денеска, во десет градови, меѓу кои и Берово, кој за прв пат се приклучува на “Шарената револуција”.
Оваа вест е достапна и на: Albanian