Повеќе од 1.000 битолчани денеска присуствувале на Граѓанскиот пленум пред Офицерскиот дом во Битола. Како што за ЦИВИЛ - Центар за слобода информираат долгорочните набљудувачи од овој град, присутни биле и повеќе претставници на политичките партии од опозицијата од Битола, а како поддршка за граѓанскиот активизам, кој веќе седум дена ги обединува битолчани во идејата за оставка на Иванов и Талески, бил присутен и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
На пленумот се предлагале начини за дејствување и одлучено било повторно утре на истото место во 19 часот, да се продолжи со активностите на Граѓанскиот пленум. Потоа, битолчани продолжиле да протестираат пред домот на градоначалникот Талески.
Во меѓувреме, пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ започнал контра-протестот кој по вторпат го организирало од ГДОМ. Групата на граѓани кои денеска, биле во значително помал број споредено со вчера, и покрај притисоците за кои веќе известуваше ЦИВИЛ, продолжиле кон плоштадот „Магнолија“. Како што информираше мобилниот тим на ЦИВИЛ од градот, повторно најголем дел од контра-протестантите се вработени во РЕК-Битола.
По втор пат денеска се протестираше и во Куманово. 2.000 кумановчани се собраа пред Основниот суд во Куманово, едногласни во своите барања кои се идентични со барањата и во другите градови. Протестот како што информираат набљудувачите од терен, се одвивал во мирна атмосфера, без насилство и конфронтација меѓу граѓан(к)ите и полицијата.
За првпат денеска, протести и во Кочани. Голем број на граѓанки и граѓани, како што за ЦИВИЛ информираше долгорочниот набљудувач од овој град, без организација, спонтано се собраа и протестираа по улиците во централното градско подрачје. Протестот бил мирен но под силно полициско обезбедување. “Присути бea повеќе претставници од ОК на СДСМ, кои потенцираа дека не се дел од организација, туку се тука само како поддршка”, се вели во извештајот од Кочани.