Протести во Битола: Не преживувај, живеј!

Под мотото: "Не преживувај, живеј!" и "Класна борба", се одржа денешниот протест во Битола, прв по паузата за велигденските и првомајските празници. Протестот започна од плоштадот "Магнолија", од каде стотиците битолчани продолжија кон зградата на Општина Битола.

13149906_10153766275458740_1610028509_n

Битола, 3 мај 2016

Демонстрантите скандираа: "Правда, правда, социјална правда", "Нема правда, нема мир", "Оставка", "Мафија во робија".

"Ниедно од нашите „права“, не ни е подарено, туку му претходела жестока борба! Променливоста на правата и нивното деформирање, статусот на работниците и нивното обесправување, зборуваат за калкулантската политика која произлегува од спрегата: држава-корумпирани жолти синдикати-бизнис елита. Оттаму, јасно е дека борбата ни припаѓа нам и никој нема да се избори наместо нас", изјавија дел од говорниците кои имаа можност да се обратат на демонстрантите. Дел од обраќањата беа посветени на уништените синдикати, на Живко Митревски, претседателот на Сојузот на синдикати - ССМ, и на потребата синдикатите да се вратат во рацете на работниците.


Покрај тоа што денешниот протест беше посветен на класната борба, повторно беа истакнати барањата за кои веќе четврта недела се протестира низ цела Македонија. 

13162220_10153766274863740_200108335_n

Битола, 3-ти мај 2016

Обичајот на давање велигденски јајца, беше одбележан и за време на протестот, кога дел од демонстрантите им подарија велигденски јајца на полицајците кои ја обезбедуваа општинската зграда. Овој чин беше прифатен со задоволство и насмевки од полицајците.

Протестите во Битола продолжуваат и утре.

Марија Теговска