Протестите во Битола продолжија и синоќа. Демонстрантите од плоштадот Магнолија, повторно се упатија кон општинската зграда, каде побараа оставка од градоначалникот Владимир Талески и повлекување на аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов.
Дел од групата демонстранти, со транспаренти „Маските долу“ и „Честито аболиција“, организираа герила акција пред Народниот театар, каде требаше да пристигне градоначалникот Талески на отворањето на Фестивалот на монодрама. Честитката која ја подготвија групата битолчани, како што за ЦИВИЛ информираат граѓанските набљудувачи од овој град, не беше доставена до него, затоа што тој воопшто не се појавил на главниот влез, односно обидувајќи се да ја избегне средбата со демонстрантите, на отворањето, влегол на некој од споредните влезови.
Во исто време, пред Офицерскиот дом, контра-протест одржа Граѓанското движење за одбрана на Македонија-ГДОМ. Протестите траеја околу еден час и завршија без инциденти. Протести најавени се и за денеска.
“Шарената револуција” продолжи и во Тетово. Како што известуваат набљудувачите од теренот, повеќе ијади граѓанки и граѓани на мултиетичното Тетово, протестираа низ тетовските улици и бараа повлекување на аболицијата, оставка од председателот Иванов, одложување на изборите и изрази ја поддршка за работата на СЈО . Демонстрантите ги скандирале имињата на специјалните обвинителки Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска. Протестот започнал пред Основниот Суд во Тетово, продолжил по улицата каде се наоѓа седиштето на Општина Тетово, за на крајот да заврши пред канцаларијата на Иванов.
Два протести синоќа и во Гевгелија. Едниот организиран од граѓанското движење Протестирам, а контра-протестот во организација на ГДОМ.
Повеќе од 1.000 граѓанки и граѓани од движењето Протестирам, се собрале пред пензионерскиот дом во Гевгелија за да го искажат својот револт од одлуката на Иванов за аболиција, се вели во информациите кои ЦИВИЛ ги добива од Гевгелија. Од пред Пензионерскиот дом демонстрантите се упатиле пред гевгелискиот Основен суд.
“На само педесет метри ги пречека кордон од полиција која им го поречи слободното движење и правото на протест на демонстрантите. Одејќи по околните патишта и сокаци граѓанките и граѓаните, успеаа да ја заобиколат полицијата и дел од нив се најдоа пред дворот на Основниот суд. Останатиот дел беа запрени, но подоцна пуштени”, стои во извештајот од овој град. Во близина на Основниот суд, се наоѓа зградата на Општина Гевгелија, каде била собрана групата контра -демонстранти. Двата кордона од полиција кои биле поставени спречиле судир меѓу двете групи.
Граѓаните и граѓанките на Велес, протестираа по деветти пат. Протестот и овој пат започна од пред кружниот тек кај Авона. Како што информира набљудувачот на ЦИВИЛ од Велес, демонстрантите се движеле во центарот на градот, покрај кафе баровите во Велес. Протестот завршил на плоштадот С'рмаале, каде повторно биле прочитани седумте барања на граѓанското движење Протестирам.
Истовремено, пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше контра-протестанти во организација на ГДОМ. Поставен бил кордон од десетина полицајци помеѓу двете групи кои беа на раздалеченост од педесетина метри.
Денеска протест во Велес нема да има, поради христијанскиот празник Источен петок – Балаклија. Од граѓанското движење најавија дека ќе продолжат во петок и ќе протестираат секој нареден ден, до конечното исполнување на нивните барања.
Пред Основниот суд во Куманово повеќе од 1.000 граѓани, синоќа протестираа по седми пат. Како што стои во извештајот кој ЦИВИЛ го доби од Куманово, демонстрантите скандираа "Грујо оди си," ,"Нема правда нема мир", "Оставка"... Демонстрантите се движеле низ централните кумановски улици, додека на улицата ,,11 Октомври" фрлале голем број на кесиња со разни бои како поддршка на "Шарената револуција".