Движењето „Протестирам“ синоќа во Берово го организираше вториот протестен марш против аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов. Како што за ЦИВИЛ Медиа информираше граѓанскиот новинар од овој град, маршот заврши пред Основниот суд во Берово .
“Ние сакаме правда, слобода и демократија, не сакаме 'Сваровски судии' и тефтерчето на Јанкуловска да играат главна улога . Ние сакаме демократско општество и ќе се избориме и ќе ја донесеме слободата во Берово”, порачале беровчани за време на едночасовниот протест, кој поминал мирно без насилство и инциденти.
И во Кавадарци вчера повторно протести, кои започнаа во 18:30 часот, пред Катастарот во новиот центар на градот, а завршија два часа подоцна, на главниот плоштад. За разлика од претходните протести, како што извести долгорочниот набљудувач од овој град, овојпат и општинската зграда била обоена во шарено, во знакот на Шарената револуција. Како и претходниот протест, и синоќа, за време на протестот имало трактор со звучници од кои се слушале "бомбите" кои ги објави опозицијата. Како и секогаш, според информациите од терен, кога има продемократски протест, истовремено, во паркот спроти зградата на полицијата, се одржал контра-протест во организација на ГДОМ.
По шеснаесетти пат, граѓаните и граѓанките на Велес протестираа синоќа во боите на Шарената револуција. Како што стои во извештајот од Велес, демонстрантите се движеле по улицата „Благој Ѓорев“, покрај кафе баровите во Велес и извикувале: “Апаши!”, “Вратете ги парите!”, “Поддршка за СЈО!”, “Револуција!”, “Затвор за фашистите!”, “Мафија на робија!”…
Протестот завршил на плоштадот С'рмаале, каде повторно биле прочитани седумте барања на граѓанското движење „Протестирам“. Денес и утре нема да има протести во Велес.
Протестите во Битола и вчера имаа за цел - со потсмев да ги покажат „достигнувањата“ на градоначалникот Владимир Талески. Како што информираше мобилниот тим на ЦИВИЛ, откако демонстрантите повикале на масовен бојкот на еднопартиските избори на 5-ти јуни, на кои ќе учествува само ВМРО-ДПМНЕ, тргнале кон кружниот тек „Кај филџано“, затоа што во средината е поставена скулптура „Филџан за кафе“. Групата демонстранти, го блокираа кружниот тек, кој претставува и еден од влезовите во центарот на градот.
Истовремено, во центарот на градот, во организација на ГДОМ, се одржа контра-протест. Присутните порачаа дека ВМРО-ДПМНЕ, треба да е доследна и да излезе на избори на 5-ти јуни.
Марија Теговска