И денеска протести во Струмица. Како што известуваат набљудувачите од терен, собирот на граѓанките и граѓаните кои ја сочинуваат поворката започнал во малиот парк во Струмица.
Сите досегашни протести во Струмица поминаа во мирна атмосфера, а од платформата најавија дека струмичани на еднострани избори нема да учествуваат и повикаа на бојкот и протести против власта, додека не се исполат услови за фер, демократски и кредибилни избори. Денешниот марш од малиот градски парк продолжи низ булеварите „Ленинова“ и „Маршал Тито“, до кружниот тек кај ЕВН Македонија и назад низ старата Струмичка чаршија. Од колоната одекнуваше во еден глас „Оставка, оставка!“, „Нема правда, нема мир!“
Протестите во Струмица ќе продолжат следниот вторник и од утре се во мирување поради Велигденските празници.
Мирен протест од неколку стотици граѓанки и граѓани, денеска се одржа и во Кичево. Протестот започна во 18 часот, од градскиот плоштад. Според информациите од терен, протестот поминал без инциденти, а најавено е протестите да продолжат после празниците.
Денес контра-протест во Кичево организираше движењето ГДОМ.
Според извештајот на граѓанската новинарка, продемократскиот протест во Охрид започнал пред Чинарот, потоа покрај Општината, каде врз објектот се фрлале јајца, за да продолжи кај Судот. Додека продемократските демонстранти биле кај Судот, кон нив тргнале контра-демонстрантите со транспаренти „Избори!“, меѓутоа полицијата брзо реагирала и со два кордона и широка тампон-зона меѓу групите, се завршило со меѓусебни дофрлувања, без директен судир помеѓу двете групи.