ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со праксата да биде отворен подиум за ставови и анализи на општествено-политичките процеси во изборен контекст.
Редакцијата ЦИВИЛ Медиа направи мини серија од разговори со истакнати интелектуалци, јавни личности од општествената сцена, експерти и аналитичари, од кои добивме низа интересни и значајни гледишта и анализи. На сите соговорници им беа поставени исти прашања кои се однесуваат на развојот на преговорите за надминување на политичката криза, на опструкциите и прекршувањата на „Договорот од Пржино“ и на можностите за создавање вистински услови за слободни избори во април 2016 година.
Овие разговори се дел од активностите на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Ида Протуѓер, новинарка и економска аналитичарка е децидна дека изборите никако не смеат да се одржат на 24 април 2016 година, бидејќи нема исполнет ниту еден предуслов, за тие да бидат фер и демократски. Таа смета дека ако се одржат избори на 24 април, Груевски ќе ги добие, со помош на „армија на корумпирани поддржувачи, со помош на пропагандата и манипулацијата што ја прави и преку корупцијата со нашите државни пари“.
Разговорот со Протуѓер која се наоѓа во Виена, го водевме преку Скајп на 26 декември 2015.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=XiOrqQcKiAg[/youtube]
ЦИВИЛ Медиа: Како го оценувате политичкиот процес во Македонија, во контекст на преговорите од Пржино?
ПРОТУЃЕР: Јас бев од оние што беа скептици уште кога почнуваа преговорите, дека треба да се седне на преговарачка маса со Груевски и со неговата партија. Со договорот од Пржино тие треба да се откажат од целото поведение, од сé она што со страст и сласт го правеле во целата измината деценија. Треба да ги ослободат институциите кои ги киндапираа, да воспостват демократски принципи... Погрешните вредности и принципи го држат Груевски изминатите години на власт. Јас бев скептик уште на почетокот дека треба да се седне со него на преговарачка маса. Исто така, свесна сум за прагматичноста на тој предлог, преку политички договор да се дојде до решение, особено откако видовме за што е тој подготвен, во Куманово. Ако е подготвен да жртвува луѓе, веројатно меѓународниот фактор проценил дека е добро да ни помогне на овој начин. Кога веќе почна овој процес на преговори, тој треба да продолжи, но никако изборите не смеат да бидат на 24 април 2016 година. Бидејќи нема ниту еден предуслов исполнет, за тие да бидат фер и демократски. Како што и претпоставував, и како што многумина претпоставуваа, дека неговото поведение цело време ќе биде да се изигра договорот, со истите сплетки и со подмолното однесување што го слушаме во снимките, тоа сега се случува и на јавна сцена. Ситуацијата не е ништо различна од претходните години кога тој ги добивал изборите. Ако се знае дека тој ги добива изборите со манипулации, киднапирање на институциите и со корпупција. Медиумите, исто така, се клучни, треба да се запре пропагандата. Но, дури и сега да се направат клучни реформи, за што мислам Груевски ќе дава отпор до последно и нема да дозволи да се направат промени во медиумите, нема време за медиумска детоксикација на граѓаните, заради тоа што времето е кратко. Мислам дека никако не треба да се прифати во медиумите да се донесе некаков закон по европски терк, како што бара ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи со закон тие не ограбија и опљачкаа, и ги киднапира институциите изминатите години.
Најголемиот грабеж на деценијата – „Скопје 2014“ е законски покриен! Закон тоа нема да го реши, особено што во електронските медиуми кои се негови најголеми поддржувачи проблемот е корупцијата, не е законот проблем. Тие новинари таму не се неслободни, никој не ги притиска, едноставно се влезени во коруптивна мрежа и сé ќе направат да го одржат Груевски на власт со помош на пропагандата. Исто така, таа коруптивна мрежа и корумпирана армија, не е само во медиумите, туку во секој сегмент. Јас одамна кажав дека беше добро меѓународниот фактор да ни помогнеше кога оваа диктатура беше во подем, а не сега, кога е расцветана, условно кажано, бидејќи во целата измината деценија тие успеаја да стават свои луѓе во сите институции. Во секој сегмент - лекари, судска фела, медиуми..., луѓе кои не се таму поради своите капацитети и професионални споспобности, туку поради сервилноста и лојалноста кон партијата и кон Груевски. Така што, сите тие кои незаслужено се дојдени на тие позиции, сега со сета сила и со сите механизми кои им се на располагање, да не заборавиме дека тие седат во институциите, ќе помагаат Груевски да се одржи на власт. Бидејќи тие не би ги имале тие привилегии во едно нормално, пазарно и демократско општество. Пазарот за медиумите е растурен, демократските процеси се одамна запрени, така што кога би се одржале избори на 24 април, тој ќе ги добие со помош на оваа армија на корумпирани поддржувачи, со помош на пропагандата и манипулацијата што ја прави. И преку корупцијата со нашите државни пари, што ја прави секоја година и сега ја продолжува во јавната сфера.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се најголемите прекршувања на Договорот од Пржино?
ПРОТУЃЕР: Не мислам дека треба да се цени Договорот од Пржино според најголемите прекршувања, туку едноставно, да се оцени дали тој обезбедил или не обезбедил услови за фер и демократски избори. По празниците, кога ќе дојде еврокомесарот Хан, ќе биде одлична можност да се направи пресек и да се види, а ќе се види според мене... Јас сум длабоко уверена дека нема никакви услови изборите во април да се фер и демократски и не гледам никаква можност потребните реформи во Избирачкиот список, во медиумите, да се решат во потребниот период што ќе обезбеди фер и демократски избори. Мојот став е дека апсолутно треба да се продолжат договорите, но никако тие да завршат со избори во април, туку да се одложат најмалку за три месеци. Аферата со пасошите јасно покажува колку сé уште е моќна кампањата на Греувски во медимуите и што сé е подготвен да направи со државните ресурси што ги киднапира, но и како тоа да го претстави во јавноста. Има многу голем број на граѓани кои се информираат само преку телевизија. Анкетата на ИРИ покажа дека 90% од граѓаните се информираат преку телевизија, значи, тие граѓани иако можеби се бомбардирани од пропагандата и не веруваат во сé, сепак немаат можност, немаат пристап до други ставови, до плуралност, до друго мислење во медиумите, за да оформат свое мислење. Така што тие се бомбардирани единствено од пропагандата и нема време до 24 април да бидат деконтамирани од таа пропаганда и да донесат свој став врз основа на различни информации, кои би требало да ги понудат медиумите.
Исто така, на краток рок, мислам дека само регулатор каков што предлага Прибе, односно реформи темелни кај регулаторот, можат да ја решат ова ситуација. Затоа што ние во медиумите немаме воопшто пазарен амбиент, не постојат пазарни стандарди во најголем дел од медиумите, особено во електронските медиуми, што се под команда на власта. На краток рок, додека не се врати нормалност во медиумите (што ќе биде долг процес) до изборите треба да има еден регулатор што ќе може доколку медиумите не се придржуваат до професионални стандарди и до обезбедување плуралност во ставовите, ако нивните извештаи не се темелат врз факти, да ги исклучи од етерот. На тој начин нивните сопственици ќе изгубат милиони по други основи, од реклами. Па сега, ако им се исплати такво нешто, нема да зрачат, ако нe - најверојатно ќе мора да се стават во минимални професионални рамки, за да се обезбеди плуралност во информирањето и минимум професионален стандард. Така што, мојот став е дека треба да се продолжи со овој процес, затоа што енергијата од простестите веќе ја нема, и едноставно, ако веќе меѓународниот фактор се вклучи и го одбра овој начин да ни помогне - на еден прагматичен начин преку преговори, тој мора да продолжи. Не можеме да се вратиме назад, ја нема таа енергија што беше од протестите. Сега да се прекинат преговорите, ќе биде во корист само на Груевски и на никој друг, тоа значи дека мора да се продолжи со овој процес, со одложување на изборите најмалку за три месеци.
Марија Теговска
Сите содржини објавени на онлајн каналите на ЦИВИЛ подлежат под лиценцата Creative Commons 4.0, односно може слободно да се преземаат, споделуваат и преобјавуваат, со линк кон изворот/оригиналот. Доколку ТВ станиците имаат потреба да го емитуваат овој видео материјал во професионален, висококвалитетен формат, потребно е само да ја контактираат канцеларијата на ЦИВИЛ по електронска пошта или телефон.