ЦИВИЛ – Центар за слобода уште подинамично ќе продолжи со набљудување на изборите, соопшти на денешната прес-конферецнија претседателот Џабир Дерала.
Секојдневно ЦИВИЛ добива извештаи од теренот за манипулации, злоупотреби, партизација на државниот апарат. Триста набљудувачи на ЦИВИЛ, како и мобилни тимови ќе ја следат и мониторираат ситуацијата до 5 јуни.
„Бројката од 300 луѓе симболично се совпаѓа со бројот на Спартанците кои ја одбранија демократијата на стариот свет. Со својот тим, како и секогаш, ЦИВИЛ ќе се стави во одбрана на човековите права и слободи на сите граѓанки и граѓани на Република Македонија и ќе придонесе кон враќање на демократијата и владеењето на правото во земјата, за што пресуден услов е организирање на слободни избори“ – соопштува ЦИВИЛ.
Во продолжение е транскрипт од обраќањето на Џабир Дерала:
Оваа итна прес конференција на ЦИВИЛ ја свикавме веднаш по одлуката за распишување на избори, односно одлуката на Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски да ја потпише одлуката за распишување на вонредни, парламентарни избори на 5 јуни 2016 година.
Нашиот став е веќе познат, веќе со месеци наназад го повторуваме и го збогатуваме со податоци и докази за тоа дека услови за слободни, кредибилни избори не се создаваат. И не само што не се создаваат, туку состојбите во Република Македонија се влошуваат од ден на ден.
Услови за слободни и кредибилни избори не се создаваат и поради продлабочувањето на политичката криза, поради нередите и огромното граѓанско незадоволство кое го регистрираме во овие последни денови. Едноставно, оваа одлука на претседателот на парламентот не може да се смета за некаков прилог кон демократијата на Република Македонија, напротив, ова е продлабочување на кризата.
Во овој момент, единствен човек кој сака да има избори на 5 јуни, а кои не можат да бидат слободни е Никола Груевски.
Меѓу другото, неговите коалициони партнери од ДУИ и нивните помали коалициони партнери, исто така, принудени се да влезат во оваа игра. Меѓутоа, не можеме да очекуваме слободни и кредибилни избори.
Што се однесува до ЦИВИЛ - Центар за слобода, а претпоставувам тоа ќе биде ставот и на другите невладини организации кои се занимаваат со изборно набљудување е дека ние ќе продолжиме со набљудување на овој процес.
Без оглед на тоа дали ќе има бојкот на изборите од страна на политичките партии на опозицијата или не, без оглед на тоа дали состојбата се влошува и на политичка и на безбедносен план, ние, невладините организации, сме чувари на демократскиот процес и повикани сме да го набљудуваме целиот демократски процес. Затоа, сметаме дека треба да останеме на своите позиции и да продолжиме уште подинамично да работиме на мониторингот на овие процеси.
ЦИВИЛ ќе остане на своите месата и во овој момент можам да ви соопштам дека екипата на ЦИВИЛ брои 300 луѓе.
На некој начин, таа бројка од 300 луѓе асоцира и на бројката од 300 Спартанци кои ја одбранија демократијата во Атина пред 2,5 илјади години. Оваа симболична бројка, сепак, не значи дека е мала, бидејќи и досега ЦИВИЛ се покажа и докажа како организација која со малку луѓе, со многу малку ресурси успева да дојде до огромни резултати и да влезе во суштината на сите процеси.
Ние и досега излегувавме со соопштенија, секојдневно излегуваме со анализи, со извештаи од теренот и можеме да кажеме дека партизацијата, политизацијата на институциите и нивната масивна злоупотреба е сè уште многу евидентна, таа е континуирана и не престана веќе со месеци, односно со години, колку што набљудуваме избори. Оваа ситуација е регистрирана и со видео и со фотографски записи и со сведоштва од сите делови на Република Македонија.
Договорот од Пржино не само што не се имплементираше, туку и деловите кои на некој начин се имплементираа, постојано се опструираат.
Понатаму, ако зборуваме за партиските злоупотреби гледаме навистина огромна злоупотреба и на администрацијата и на јавните пари, на дневна основа регистрираме енормен број притисоци, уцени и закани насекаде во земјава. Тоа не се услови за слободни избори.
Исто така, медиумите се во многу очајна состојба, и не се прават напори таа да се поправи.
Кога зборуваме за општата политичка клима, се гледа дека демократијата во Република Македонија е уназадена во огромни размери и тоа е нешто што нам, на граѓаните, не може да ни гарантира услови за слободни и кредибилни избори.
Злоупотребата на целиот државен апарат, заробеноста на државата, ќе предизвика избори кои ќе бидат само една симулациска игра, односно уште полошо, тоа ќе биде игра кај што нема двајца учесници, туку има само еден учесник.
Дури и во услови опозицијата да не ги бојкотира изборите ова ќе бидат некредибилни избори, недемократски, нефер избори, а камоли со опозицијата од која голем дел од партиите велат дека не сакаат да учествуваат во еден ваков изборен масакр, бидејќи услови не се создадени. Не затоа што тие се слаби или силни партии, тоа е неважно, бидејќи нема услови тие да дојдат во некоја барем минимално рамноправна почетна позиција во изборниот процес.
Изјава за медиумите на албански јазик даде Петрит Сарачини: