Прес на ЦИВИЛ во 13,30: Хаос во Избирачкиот список, изборниот молк - не постои!

Претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала на втората прес-конференција на изборниот ден, во прес-центарот на ЦИВИЛ во скопскиот хотел „Сити Парк“, истакна дека секоја минута пристигаат нови пријави на нерегуларности, и дека тимот на активисти, аналитичари и новинари на ЦИВИЛ, едвај постигнува сите да ги забележи.

„Вистински хаос е во Избирачкиот список, стотици граѓани не можат да го остварат своето право на глас! Нерегуларности се случуваат низ цела Македонија, и во урбани и во рурални средини. ЦИВИЛ има над 250 пријавени случаи на нерегуларности, од кои 140 се веќе обработени. Освен проблемите со Избирачкиот список, забележани и документирани се случаи на обиди за поткуп на набљудувачи, на фотографирање на гласачко ливче, на семејно и групно гласање, на организирано транспортирање на гласачи, на притисоци врз гласачи, агитација во и околу избирачки места, присуство на големи групи граѓани околу избирачките места... “, рече Дерала.

Меѓу бројните неправилности, набљудувачите на ЦИВИЛ ги посочија следните случаи.

На Избирачкото место 2904 во ОУ „Св. Климент Охридски“ во Бутел на набљудувачот на ЦИВИЛ од  членови на Избирачки одбор му било кажано дека не смее да седи во избирачкото место! На Избирачкото место 2447 во ОУ „Ибе Паликуќа“ во Сарај, набљудувач на една партија во дворот на училиштето му се заканувал на гласач со зборовите: „Гледај овој пат да гласаш како што треба!“ На Избирачкото место 1849 во Струга, набљудувач на политичка партија дошол алкохолизиран на Избирачкото место и откако гласал, го попречувал изборниот процес, бил предупреден, но не се смирувал. Потоа, претседателката на ИО повикала полиција и лицето било приведено. Негови сопартијци ги молеле полицајците да го ослободат, но тоа било одбиено. Метежот траел околу 40 минути. На Избирачките места  2710, 2711, 2712 во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром, едно лице ги фотографирало избирачките места, со образложение дека сака да му покаже на своето семејство каде да гласаат. Лицето било легитимирано од полицијата, по пријава на набљудувачот и острането од училиштето. На ИМ  2483 во ОУ „Стив Наумов“ во Автокоманда, повозрасно лице дошло да гласа, но некој веќе гласал намести него!. Откако граѓанинот тврдел дека тоа не е неговиот потпис, извршена е проверка со УВ на ламбата и потврдено е дека не гласал. Од Избирачкиот одбор тврделе дека утрото дошло до забуна, дека потоа го пронашле избирачот кој по грешка се потпишал, и се договориле граѓанинот кој не гласал, да се потпише на негово место!   На ИМ 367 во с. Смоквица, Гевгелија, претседател на ИО се пожалил на условите во кои се наоѓа Избирачкото место, доставил и фотографии до набљудувачот на ЦИВИЛ, по што, еден граѓанин од дома им донел греалка, оти се сожалил на членовите на ИО