Претседавачот на Советот на општина Крушево го демантира граѓанскиот новинар

На адреса на ЦИВИЛ пристигна демант на објавата на прилогот од граѓанскиот новинар Сотир Габелоски под наслов „Крушево: Продолжува злоупотребата на службени возила за приватни и партиски цели!“. Демантот го објавуваме во целост, без никакви интервенции:

Г-ин Сотир Габелоски, на ден, 31.07.2016 година на неговата блог страница Сотир Габеловски, а преземно и од civil.org.mk објавена е слика и текст во кој меѓу другото се наведува дека... „службен автомобил марка „Форд фокус“ во сопственост на СОУ „Наум Наумовски Борче“ од Крушево во ноќните часови бил паркиран во близина на домот на г-от Нико Чонески, претседавач на Советот на општина Крушево.

Возилото кое е сликано и јавно е објавено од Ваша страна не се наоѓа паркирано во близина на домот на Нико Чонески туку во близина на домот од лицето Кочо Зерде од Крушево вработен како возач во Општина Крушево, кое нешто пак се сака намерно и невистинито да го прикажете дека истото е паркирано пред домот на Нико Чонески.

Г-от Нико Чонески, наведеното возило никогаш не го користел ниту лично го управувал за сопствени или други приватни и партиски потреби, а со наведената објава се наштетува лично на г-от Нико Чонески на неговата чест и угледот како претседавач на Совет на општина Крушево и претседател на ОК на партија.

Согласно член 14 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со цел да се избегне судска постапка за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда и надоместување на нематеријална штета и трошоци на постапката, БАРАМЕ од Вас јавно да објавите демант и да ја повлечете погоре наведената објава.