„Нема сомневање дека Договорот од Пржино, содржи важни и позитивни чекори за подобрување на изборната рамка, и континуитет во реформскиот процес. Формирањето на Специјалното Јавно обвинителство, е исто така, значаен момент кој ние го поздравуваме”, се вели во заедничкото соопштение на претставниците на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа - ПССЕ, кои во изминатите три дена беа во посета на Скопје, Тетово и Гостивар.
На денешната прес-конференција Лиза Кристоферсен од Норвешка, од групата на социјалисти, коизвестител на пост-мониторинг дијалогот со Македонија, ја истакна важноста да се исполнат сите услови за обезбедување на фер и демократски избори.
“Од разговорите кои ги имавме со политичките лидери кои се вклучени во процесот, со компетентните министри, со Државната изборна комисија, и останатите чинители, заклучивме дека постојат различни гледишта за степенот на исполнување на Договорот.”, изјави Кристоферсен.
Валериј Гилецки од Молдавија, од групата на европски народни партии, потсети дека сите политички партии и по изборите, треба да бидат посветени на решавање на проблемите кои излегоа на површина со политичката криза, и да се фокусираат на имплементирање на клучните приоритети, особено во делот на независноста на судството, борбата против корупцијата и слободата на медиумите.
“Со оглед на тоа дека организирањето на предвремени избори, беше договорено од сите политички сили, ние ги охрабруваме да не ја пропуштат ова шанса, да продолжат со преговорите и да направат компромиси, со цел да се постигне состојба, кога ќе можат да се организираат значајни избори. Сé ова во интерес на народот”, рече Гилецки.
Двајцата претставници од делегацијата на ПССЕ се едногласни дека нивната улога не е да решат дали постојат услови за фер и демократски избори на 24-ти април, туку да го набљудуваат процесот и да апелираат изборите да бидат демократски. На новинарско прашање за нивниот став за подготвеноста на Македонија да организира демократски, фер и слободни избори, двајцата гости не одговорија директно, туку посочија дека ќе ја почекаат утрешната оценка на Европската Комисија и ставот на експертите од ДИК.
Марија Теговска
Оваа вест е достапна и на: Albanian