„Општество во кое уметниците ги поддржуваат човековите права и слободи неминовно е бунтовно и покажува повеќе отпорност кон назадните, криминалните и автократските тенденции. Уметниците се дел од општествената гласност и постојано трагаат по повеќе правда, слобода, еднаквост и демократија за сите луѓе подеднакво, без оглед на нивното потекло, припадност или социјален статус“, се вели во заедничката изјава „Уметниците за човекови права“.
Оваа изјава ја подготви ЦИВИЛ – Центар за слобода, по повод тркалезната маса, како дел од мултимедијалниот настан „Уметниците за човекови права“, што се одржа на 29 март.
На тркалезната маса учествуваа видни уметници и интелектуалци кои дискутираа за општествената улога и одговорноста на уметниците во услови на колапс на демократијата, автократија, структурно насилство и континуирано кршење на човековите права и слободи.
Својот потпис против коруптивната уметност, тоталитарниот режим, општество кое го задушува креативниот и критичкиот порив на уметникот да твори слободно, го дадоа Ристо Лазаров, Петар Арсовски, Петрит Сарачини, Бојан Иванов, Џабир Дерала, Дороти Пачкова, Владимир Милчин, Савка Тодоровска, Биљана Јордановска, Биљана Еверет, Љуљета Адеми, Оливера Доцевска, Лидија Димова, Евгенија Димов, Ема Маркоска Милчин, Никола Спировски, Илија Јованов, Гоце Маркоски, Велиу Џејлан, Емрах Реџепи, Лидија Цаковиќ Мојсоска, Валентин Димановски, Фросина Митрушева и Никола Угриновски.
Изјавата може дополнително да се потпише со испраќање кратка порака на поддршка на [email protected] или на ФБ страницата на ЦИВИЛ.
Ги повикуваме сите уметници, интелектуалци, а пред сé засегнати граѓанки и граѓани, со потпишувањето на оваа изјава, да го направат првиот чекор и да упатат јасна порака дека тие се гласот на општествените промени кои со своите дела, одговорно, го трасираат патот кон слободата, еднаквоста, демократијата и почитувањето на човековите права.
Оваа вест е достапна и на: Albanian