Во тек е онлајн петиција против изградба на Панорамското тркало на Кејот на Вардар во Скопје. Со потпишување на оваа петиција, граѓан(к)ите имаат можност да ја искажат својата волја против скапиот проект за изградба на уште една од многуте „барокни“ градби кои се дел од скандалозниот проект „Скопје 2014“.
Граѓан(к)ите во повеќе наврати го изразија незадоволство од трошењето на огромни суми пари за оваа намена, кога Скопје се соочува со голем број суштински проблеми. Прашањето за логиката на градење на Панорамското тркало беше покренато за време на поплавите кои го зафатија главниот град и кога животот го загубија 22 лица, а беше предизвикана и голема материјална штета.
Денес, кога Скопје е на врвот на листата на најзагадени градови во Европа, скопјани кои се „осудени“ да го дишат загадениот воздух, повторно апелираат дека парите предвидени за изградба на Панорамското тркало, треба да се пренаменат.
Според објавените информации, во рамките на објавената петиција, првичните проценки беа дека Панорамското тркало ќе чини 12 милиони евра, но тоа, уште неизградено, според склучените договори, веќе чини над 18 милиони евра!? Рокот за изградба е пет години. Панорамско тркало ќе има дијаметар од 57 метри, а целиот објект ќе се издигне 73 метри над брегот на реката.
Досега петицијата ја имаат потпишано повеќе од 6.500 граѓан(к)и.