Публикација на ЦИВИЛ: Изборите под канонада на дезинформации и говор на омраза

ЦИВИЛ на јавниот настан „Изборен систем и реформи: Препораките на ЦИВИЛ“ на (02 март 2022), ја претстави публикацијата „Изборите под канонада на дезинформации и говор на омраза“ во која се објавени извештаи, анализи, коментари на ЦИВИЛ, што произлегуваат од долгорочниот и краткорочниот мониторинг на политичките и изборните процеси.

Оваа публикација е достапна онлајн и е втора од четирите кои се однесуваат на спроведувањето на Локалните избори 2021.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ во публикацијата објавуваат мноштво содржини на дезинформации и говор на омраза. Ширењето на лажни вести и дезинформации најчесто имаат за цел да нарушат нечиј углед или да остварат профит. Често ширењето на дезинформации доаѓа од центри на моќ, политички или комерцијални субјекти, за да остварат влијание и побргу да стигнуваат до поголема таргетирана публика.

Лажните вести ги шират луѓе, односно субјекти што имаат свое име и презиме или идентитет, а не самите социјални медиуми. Исто така креаторите и ширачите на лажни вести и дезинформации поттикнуваат говор на омраза, а неретко и дела од омраза.

Информацискиот хаос, преку еден клик на примамливиот, најчесто сензационалистички наслов, водат до море од дезинформации и лажни вести, кои покрај недостиг од медиумска писменост, влијаат погубно врз консументите, јавното мислење и довербата во институциите. Главната причина поради која социјалните медиуми најдиректно се поврзуваат со лажните вести е брзината со која денес може да патува информацијата преку различните интернет-платформи.

Слободата на изразување, но и генерално корпусот на човекови права и слободи мора секојдневно да се унапредува, бидејќи само слободни граѓани можат да градат слободна мисла, личен став и интегритет, а развивањето на овие карактеристики е исто така клучно за долгорочна и целосна победа против лажните вести и теориите на заговор.

ЦИВИЛ го набљудуваше изборниот процес како компонента во други проекти и тоа: „Европски перспективи“ со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, „Граѓански објектив“, поддржан од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) и институционалната поддршка на организацијата од Програмата Цивика Мобилитас, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).

Организацијата им благодари на сите набљудувачи, соработнички и соработници кои дадоа несебична поддршка и посветено работеа на спроведување на изборниот мониторинг. Голема благодарност и до огромниот број граѓанки и граѓани кои ја искажаа својата поддршка и доверба за ЦИВИЛ.

Ставовите изнесени во оваа публикација се одговорност на ЦИВИЛ и на авторките и авторите и не ги одразува ставовите на донаторите.

Дехран Муратов

 

Print Friendly, PDF & Email