Во пресрет последната фаза од уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција и решавањето на тридеценискиот спор со името, ЦИВИЛ на својата медиумска платорма ја објавува публикацијата „Губење на идентитетот или…?“, која ја промовираше минатиот месец.
Преседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, изјави дека проектот „Губење на идентитетот или…?“ е замислен како деконструкција на националистичките наративи, деконструкција на лажните вести поврзани со историскиот процес и неговата позитивна разрешница.
Овие денови кога целата јавност е свртена кон изгласувањето на уставните измени во Собранието на Република Македонија, ЦИВИЛ ги објавува ставовите на професорката Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Љубчо Георгиевски, Ѕвездан Георгевски, Катерина Колозова, Дијана Тахири, Мирјана Најчевска, Сашо Орданоски, Синиша Станковиќ, Војо Маневски и Џабир Дерала. Секој од свој агол, авторите во зависност од нивното професионално занимање, но и личните аспирации зборуваа за идентитетот и идентитетските прашања.
ЦИВИЛ потсетува дека овој проект е само дел од низата активности што ги презема како организација за човекови права и слободи, оценувајќи ја потребата од успехот на оваа спогодба во која е заштитен идентитетот на Македонците и македонскиот јазик. Во спротивно, Македонија ќе се соочи со продлабочување на спорот со Грција.
Публикацијата „Губење на идентитетот или..?“ е достапна на македонски, албански и англиски јазик.
Публикацијата е резултат на проектот „Губење на идентитетот или избавување и просперитет?“ во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија. Публикацијата е своевиден печат на придонесот на авторките и авторите кон разглобување на идентитетските прашања од низа различни аспекти во интерес на јавниот дискурс што произлегуваат токму од Преспанскиот договор како исчекор во решавање долгогодишниот спор со Грција за името.