Петрит Сарачини
Денеска пукна бомбата. Иако деталите или шрапнелите од неа, некои ептен големи, а некои и помали, допрва ќе ги дознаваме, и Груевски, и Заев, потврдија дека работата е сериозна. Дека добар дел од неа е точен целосно или делумно, се согласува и Груевски, самиот со своја уста кажа.
Денеска, имаше обид за пуч. Не од Заев, туку од власта. Овојпат, побрутален од сите досега изведени мали пучеви, во сите области на нашето живеење. Се доокупираше дел од државата и граѓанскиот суверенитет. Сите постапки беа веќе видени. Почнувајки од демек храбриот, донкихотски и самоуверен, а всушност блед, потценувачки за интелигенцијата и смешно надмен настап на лошиот и неуверлив актер Груевски, преку срамното известување на неговите медиумски слуги, акциите на
апсење и ламентирањата на Иво Истина, па сé до оние кутри дежурни контрапротестанти, повикувани на дугме или смс, руљата за линч спремна да крши, руши и да се справува со "чпионите" и "предавниците".
Пастирот не дозволи прашања на новинарите, туку ѝ се обрати на нацијата, во улога на татко и мајка, полицаец, разузнавач, координатор на целата акција, обвинител и судија, ма све. Државата, тоа е пастирот. И ако некој има инкриминирачки работи за него и неговата свита, тој ја рушел државата. А, сепак, се среќавал со Заев, рушителот на државата, што и онака го знаеја сите подобро упатени во случувањата во земјава. Обвини дека соработувал со странски служби и го уценувал, а ние како овчички треба да блееме и да му веруваме. На збор. И, се разбира, сите треба да ги почитуваат законите, освен пастирот. Тој е над сите.
По целава ѓурултија, иако поради факторот изненадување на почетокот на денот делуваше дека таа стратегија ќе вроди со плод, освен во умовите на робовите и заслепените од страв или од корист, сепак, на крајот на денот, верувам дека на мнозинството граѓани, а и на опозицијата треба да им се честита тоа што пастирот конечно е на ачик, дека не се примија, дека боксерското активирање на бомбата од самиот него, а не од опозицијата и пуштањето на загарите беше неефикасно и контрапродуктивно за самиот него, што дури испадна корисно за опозицијата, а и за сите граѓани. Иако стојат критиките дека Заев и опозицијата одбраа малку несреќна стратегија, која почна да ги нервира дури и оние што апсолутно не веруваат во лагите на режимот.
По ова денеска, верувам дека на сите им е јасно дека работата овојпат е навистина џа или бу. Се надевам дека Заев и опозицијата ќе ја приведат партијава шах до крај со успех, дека целосно и чесно ќе ги објават сите инкриминирачки информации, а дека граѓаните ќе го отфрлат диктатот, слепилото и ропството наметнато од пастирот и неговата свита. Пред тоа, деновиве и јас очекувам нови апсења, зголемен притисок на власта и нови стеснувања на слободата, па дури и посериозни закани за сигурноста и безбедноста на сите оние што се критички настроени кон власта, особено кон поистурените играчи на опозицијата.
Режимот ќе постапува кукавички насилно, треба да му се врати со ум и храброст. Ќе треба тој удар да се издржи, а да се возврати со цврстина, граѓанска непослушност во сите можни форми кон власта која ја узурпира државата и градење на поширока коалиција на опозицијата со сите незадоволни и притиснати структури во општеството, кои единствено сплотени можат таа борба да ја приведат до крај, со победа на сите граѓани, враќање на суверенитетот и започнување на еден нов период во историјата на Македонија.
Секој друг пристап ќе донесе исход кој ќе значи темница на подолг рок. Пораз за сите нас. И за оние што се борат, и за оние што молчат, и за оние што мерат, премеруваат и уште размислуваат. Но и за оние што сега слугуваат. Затоа што, кога тогаш, ќе им дојде редот на сите.
________________________
(Текстовите објавени во рубриката СЛОБОДНА МИСЛА се лични ставови на автор(к)ите. ЦИВИЛ ги охрабрува сите што имаат што да споделат со јавноста да испраќаат свои текстови кои ќе бидат објавени во оваа рубрика, без цензура. Не објавуваме текстови во кои има говор на омраза. Преземањето на сите содржини од веб страната на ЦИВИЛ е слободно, односно под услови пропишани со Криејтив Комонс лиценцата.)