На големата сцена на Градскиот плоштад во Куманово, вечерва во 20 часот ќе започне петиот мултимедијален хепенинг на Караванот на слободата, на кој ќе настапат Пеце „Суперхикс“, Тони Зен, „Бла Бла Бла...“ и „Шутка рома рап“. Покрај музиката на слободата на сцената ќе настапат и поетите Елена Пренџова, Бјондина Шерифи, Марија Јовановска, Арсим Јонузи и Митко Гогов.
За време на концертот, ќе биде активна и уметничката работилница и изложба „Слобода во боја“ на која ќе учествуваат повеќе уметници од Скопје и Куманово.
Претходно, од 18:30 часот, во зградата на Комитетот во Куманово ќе се одржи дебата на тема: „Македонија: со или без слобода“, на која ќе говорат музичарот Тони Зен, поетесата Елена Пренџова и новинарот и активист Петрит Сарачини. Медијатор на дебатата ќе биде претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
Караванот на слободата, воедно, продолжува со хумантарната акција за помош на настраданите од поплавените подрачја. Пред големата сцена на кумановскиот плоштад ќе бидат поставени кутии за донации каде граѓаните на Куманово ќе можат да ги остават своите донации.
До сега Караванот на слободата одржа четири големи мултимедијални настани, во Велес, Струмица, Кавадарци и Тетово, на кои настапуваа Бени и Нон Стоп, Сетстат, Мугер Фугер, ПМГ Колектив, Мухамед Ибраими, К'пурдат, Лазар Ставров, Ле Ман, Смоук Шејкерс, Уајп Аут, како и многу истакнати сликари, поети и актери, кои со својата уметност а и во секојдневието се залагаат и придонесуваат за човековите права и слободи.
Караванот на слободата на ЦИВИЛ ќе посети над 30 општини низ целата земја, а на програмата се наоѓаат девет големи мултимедијални настани, со учество на над 150 музичари, над 40 поетеси и поети и исто толку визуелни уметници, околу триесет учесници на дебатите и низа други уметници, интелектуалци, познати личности и активисти.
Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест за учество во донесувањето одлуки на локално и национално ниво. Проектот е поддржан од УСАИД.
Оваа вест е достапна и на: Albanian