Радикализмот се интезивира во Македонија, ЦИВИЛ и МВР во акција!

Претставници на невладината организација ЦИВИЛ - Центар за слобода остварија работна средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и националниот кооридинатор за борба против насилниот екстремизам и тероризам, Борче Петровски, на која разговараа за насилнот екстремизам и тероризам како глобален проблем, поврзан со релативно поновиот феномен - говорот на омраза, неговото интензивирање пред претстојниот референдум, како и решенијата на проблемот.

„МВР и ЦИВИЛ имаат извонредна соработка за што впрочем сведочи и меморандумот за соработка што ние како две институции го потпишавме и кој што ни отвори една широка нормативна рамка за превентивно делување на многу полиња од заеднички интерес.  Во тој поглед и денешната дискусија околу насилниот екстремизам и говорот на омраза“, истакна Спасовски.

На средбата се разговараше и за претстојниот референдум и мерките кои се преземаат за да се обезбеди граѓаните мирно и слободно да го исполнат своето граѓанско право.

„Разговаравме и за претстојното  референдумско изјаснување и  важноста за обезбедување на еден спокоен, цивилизиран амбиент ослободен од секаков облик на закани или омраза, што би можеле да реперкуираат со последици по правото и слободната волја на секој наш граѓанин при претстојното гласање, нагласи Спасовски.

Тој наведе дека тоа претставува уште еден доказ за нивната решеност заеднички со граѓаните да дејствуваат, како превентивно, така и на креирање на идеи, концепти и програми кои ќе доведат до пооптимални решенија за сите горливи проблеми во македонското општество.

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, истакна дека на говорот на омраза треба да се возврати со насмевка и дека не смее во ниту еден случај да се возврати со говор на омраза, а уште помалку со насилство.

„Ние би сакале да истакнеме три препораки кои се навистина важни. Прво, мултидисциплинарниот приод кон насилниот екстремизам, како најдобро решение за борба против него.  Втората препорака е дека јакнањето на јавната свест и граѓанската едукација треба да стане дел од нашето секојдневие, бидејќи во она што се нарекува говор на омраза може да се кријат потенцијали за навистина страотни настани, страотни инциденти кои можат да однесат човечки животи“, потенцираше Дерала.

Тој упати апел тоа да стане дел од секојдневието, почнувајќи од денеска. Побара граѓаните да се воздржат од говор на омраза, бидејќи тоа може да доведе до натамошни проблеми и опструкција на фундаменталното право, правото на глас.

„Говорот на омразата и заканите против луѓето кои сакаат слободно да се изразат на референдумскиот процес се навистина сериозна опструкција на демократскиот процес, се кривично дело и се неприфатливи“, истакна Дерала.

Тој го повика Основното јавно обвинителство да постапи во сите случаи во кои ќе се забележи говор на омраза, а особено за заплашување и насилство против они кои сакаат слободно да се изразат на референдумот.

„Без разлика дали ќе гласаат „за“ или „против“ не е важно, битно е никој да не им попречува да си го остварат правото на глас.

МВР и ЦИВИЛ - Центар за слобода во наредниот период ќе соработуваат во полето на превентивните мерки за спречување на насилениот екстремизам и тероризам. Работната средба е дел од проектот CAVE кој се имплементира со поддршка на  Американската амбасада.

Дехран Муратов
Камера: Атанас Петровски