По повод Светскиот ден на слободата на медиумите прашавме неколку видни новинари да го изразат своето мислење во врска со состојбата со медиумите кај нас. Рамуш Мухарем, новинар на веб-потралот РОМА ТАЈМС, а кој порано работеше во телевизиите ТВ БТР и ТВ Шутел, смета дека ромските медиуми се целосно контролирани:
Со затворање на БТР Национал, се затвори уште повеќе и гласот на „тивките Роми“! Со гаснење на овој медиум згаснаа и последните надежи и желби за општествена трансформација, интегрирање во општеството на најмаргинализираната заедница во државата - Ромите. И пред да згасне овој медиум, БТР се соочуваше со некој вид на „лимитиран“ и „полуконтролиран“ производ, емисии, прилози и слично кои мораа секогаш повеќе пати да се „испеглаат“ пред да се пласираат во јавноста. И денеска состојбата не е ништо поинаква. Се’ се сведува на еден вид на „контрола и цензура“. Сега најголемиот процент на медиуми се во едно лошо апологетско новинарство и тешко е да се бори човек со такво новинарство преку асоцијации, здруженија и слично. Ова аналогно исто така ја покажува и моќта на ромскиот глас, кој сега е многу послаб или воопшто го нема. Во моментот исто така функционираат и два ромски веб портали Роматајмс.њуз и 24 Вакти. Тие се се’ уште на почеток и ја немаат таа доволна афирмација, но сепак се превземаат чекори за нивна афирмација и поголема презентација.