Реата на дискриминацијата

Мојата работа е динамична интересна и секако повремено, прилично стресна, но главно се одвива во пријатна  атмосфера, во опкружување на добронамерни луѓе кои се секогаш пријателски настроени и големи професионалци. Можеби затоа на секој изблик на шовинизам, расизам, ксенофобија, реагирам „на прва“. Последното патување пак ме врати во тажната реалност во која живееме...

Ермин Климента

Пипува: Ермин Климента

Патувањата се неретко одлична можност да се запознаеме со активисти од невладини органзации од други држави, да оствариме конекции со нив, како и проекти, партнерства и едноставно - пријателства, да осознаеме повеќе за светот во кој живееме и да избегнеме добивање вести од филтрирани медиуми, туку да се насочиме кон лични, човечки искуства.

Моето последно искуство од патување, за жал беше грдо, од оние кои оставаат горка трага и кои никогаш нема да ги заборавам - се случи во Србија, земја каде имам поминато многу месеци кај роднини и која секогаш сум ја чувствувал како свој втор дом.

Автобусот кој сообраќа на релација Ниш – Белград – Нови Сад – Суботица со кој јас патував од Ниш, застана во Белград околу 17,00 часот и имаше само петмина патници кои продолжуваа кон Нови Сад или Суботица.
Одеднаш слушнавме:  „Еве ги овие мигрантиве!“. Во автобусот се качија 30-тина мигранти, во колона, со ред си седнаа без проблеми на слободните столчиња, од разбирливи причини - поради големите маки на долгите патувања - тие беа навистина уморни и голем дел од нив заспаа веднаш. Автобусот уште не беше тргнат, и влегоа уште неколку луѓе кои беа од Србија, чиј израз на лицата веднаш се смени штом ги видоа мигрантите. Возачот им се извини на српски јазик поради мигрантите и поради „лошиот мирис“. Тие пак, незадоволни, седнаа и почнаа да се жалат штом автобусот тргна понатаму, а другиот возач кој беше слободен, веднаш стана и им порача на домашните граѓани да седнат понапред, каде што претходно не им беше дозволено на мигрантите да седат.

Во шок од оваа постапка,  ги погледнав домаќините, но тие незаинтересирани си продолжија со дискусијата. И шоферот ме погледна и со извинување и ми рече: „Немаме повеќе место напред, извинете за ОВИЕ“. Се уште во шок од случувањата во последните минути, се погледнавме со дел од “старите“ патници кои го разбираа јазикот и останаа на своите места во задниот дел од автобусот, и понатаму го игнориравме возачот.

Едноставно, не ми се верува дека живеам во дел од светот каде сегрегацијата, дискриминацијата на една цела група луѓе, може толку лесно да биде прифатена од „нормалните луѓе“, како што рече возачот. А патниците, всушност, главно беа малолетни! Само 4-5 беа возрасни лица, останатите беа малолетници, за кои никој не праша каде им се родителите, каде патуваат сами - деца на возраст од по 10-14 години кои очигледно не се десетици браќа и сестри, но тоа никого не го интересираше. На моето прашање единственото објаснување од нив, на лош англиски, беше дека деца полесно поминуваат низ камповите и добиваат приоритет за патување, па потоа ги чекаат своите родители.

Претпоставувам дека на сите им е јасно, дека досегашниот начин на спречување на интернационалната криза со бегалците и мигрантите, која особено ја засега Европа,  е само туркање под ќилимот, игнорорање и „заборавање“ на проблемот. Нешто мора да се стори, на Балканот, и во Европа.

Зашто, домашните напред, мигрантите и бегалците назад во автобусот - сигурно не е решение! Сепак, не е 1950, во САД. Не смееме да ги повторуваме грешките од историјата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian