Разгледница од пеколот

Ќелиите во ходникот „Ц“ во Шутка се полумрачни, со димензии четири метри должина на два метра и нешто ширина. Во таа површина е и тоалетот. Во овие девет квадрати бевме сместени четворица, некогаш петмина. Да најдеш место каде ќе спие петтиот човек е вистинска уметност...

Деведесет отсто од времето што го минав во притвор во Шутка, бев во две ќелии во ходникот „Ц“. Во „14“-ката и „19“-ката. Не знам, не се надевав на којзнае што, но условите за престој во нив се под секое човечко достоинство! Во овој дел од затворот „Скопје“ условите за престој се супстандардни. Ни Робинзон Крусо не би издржал многу. „Сликите“ од Ц-19 и Ц-14 се како разгледници од пеколот. Нив како и сé друго оттаму, никогаш не ќе можам да ги избришам од главата.

Томислав Кежаровски

Томислав Кежаровски

Овој „станбен кварт“ е прилично стар. Изграден е од неугледен градежен материјал, можеби во исто време кога и црквата на Кале, или е врсник со Мустафа-Пашината џамија.

„Ц“ е долг ходник по кој од левата страна се нанижани деветнаесет ќелии. Сите до една се во очајна состојба, како задушлив, темен, лепливо - валкан гулабарник, комбинација на депонија и утврдување. Полумрачни простории со димензии четири метри должина на два метра и нешто ширина. Во таа површина е и тоалетот. Во овие осум-девет квадрати главно бевме сместени четворица, а негкогаш и петмина. Да најдеш место каде ќе спие петтиот човек е вистинска уметност!

Острата реа на мувла и ароматичниот мирис на моч ви се вовлекува во носот и грлото веднаш штом ќе влезете во која било ќелија. Ве обзема одвратност...

Еден метар од/над клозетската шолја е славината каде ги миевме чиниите по јадењето. Водата за пиење некогаш имаше светлосива, некогаш жолтеникава боја. Дури и мирисаше чудно. Во јуни и јули немаше вода со денови, па се снаоѓавме. Собиравме во пластични шишиња за секоја намена. На моменти ќелијата изгледаше како погон за рециклирање на пластика. Среќа што не „закачивме“ некоја зараза.

Многу плочки се паднати, а ги има само околу клозетската шолја и на ѕидот околу неа, бојата на таванот е одамна излупена, а подот на места е обраснат со мов, толку дебел што потсетува на корален гребен.

Имаше половина школска клупа на средина, од оние од памтивек, и ништо друго. Толкав е просторот, не собира цела клупа.

На таванот висат ретро-лустери, а од нив главно се останати само сијалиците, обвиткани во пајажина и од горната страна напластени со дебел слој прашина.

Подот е од скапани штици, во кои ако малку подобро се загледа човек, можеби ќе сфати дека некогаш можеби биле паркет. Сега, нема ниту „П“ од паркетот. Од прашината, наталожена на стаклата на прозореците, не пробива сонцето.

Ѕидовите загубиле голем дел од малтерот. А и бојата, темномодра, што каква- таква, ја имаше на нив, се лупеше. Влагата исцртуваше пејсажи. Забележливи беа пукнатини кои се истакнуваа како жили на возбуден љубовник. Низ дупките на повеќе места се наѕираат гредите.

Некаде има, а некаде нема - парче стар теписон пред вратата.

Стоногалки како во некој хорор-филм лазеа низ ќелијата, а некакви чудни инсекти прелетуваа таму-ваму. Не верувам дека ги има во кој било учебник по биологија. Таму, од животинскиот свет од грдите сништа, единствено што нема се - змија и лилјак, но за ден-два може да направите добар „инсектариум“, исклучителна збирка од разни пајаци, лебарки, бубашваби...

Прозорчињата, од некои седумдесет на четириесет сантиметри, се високо поставени. Правот го замаглува погледот и, како никаде во светот, тука небото место сино е кафеаво. Р’ѓосана железна прачка, армирано железо, „дванаесетка“, е ставено однадвор, за да не може да се отвора до крај. Ма, ниту до половина. Колку да не умреш, толку се отворени прозорците во „Ц“. Во жештините ги молевме чуварите да ја отворат „шпионката“ на вратата, оние „пет на пет“ сантиметри, за да има троа провев, да можеме да дишеме. Ужасно беше во четвртоците. Тој ден е резервиран за дезинфекција. Ќе не извадеа на шетање, во период од дваесетина минути, и тогаш ставаа солна киселина во тоалетната школка. Кога ќе се вратите назад, ве чека пекол. Никого не го интересира дали мириса или не, дали бзди, дали може да се дише или не. Тоа е казна во казна.

Си зададов задача, дека ќе направам сé, барем во тој дел од затворот да се подобрат условите, кои се, како што истакнав, невозможни за престој. Пред еден месец, три пати го барав директорот на установата, сакајќи да му го предочам мојот план што веќе почнав да го реализирам и за кој ми се ветени градежни материјали. Секретарката му пренесувала, а тој не се јавуваше. Откако се оглуши и на третата моја молба за средба, го побарав на неговиот службен мобилен телефон. Само накусо му кажав зошто го барам, а тој пак, уште покусо ми одговори дека немал време за такви работи оти имал поприоритетни нешта што требало да ги решава.

Без оглед на сé, јас ќе работам на подобрување на условите во затворот и, се надевам, дека ќе сторам нешто. За ЛУЃЕТО, меѓу кои сигурно има такви кои заслужиле да се зад решетки, но на кои  никој не смее да им одземе достоинството.

Томислав Кежаровски