Референдум: Извештај на ЦИВИЛ во 19 часот

Референдумот во Богданци, кој одлучува за иднината за рудникот Казандол и отворањето на други рудници во општината - е успешен. До 19 часот, излезноста изнесува 60,78%, или 4,205 илезени од вкупно 6.918 гласачи. Во изјавата за медиумите, непосредно по затворањето на избирачките места, Џабир Дерала, во името на ЦИВИЛ - Центар за слобода, им честиташе на граѓанките и граѓаните на Општина Богданци за успешно спроведениот референдум. 

Џабир Дерала, ЦИВИЛ, изјава за медиумите

Набљудувачите на ЦИВИЛ од терен откриваат помали и очекувани проблеми.

Се нотираат и притисоци. Во последните 24 часа, повеќе граѓанки и граѓани на Општина Богданци добиле телефонски повици од активисти на ВМРО-ДПМНЕ да не излезат на денешното референдумско изјаснување, или да се изјаснат во полза на отворање рудници, односно на продолжување на работата на рудникот во Казандол.

Иако иницијативата „Спас за Богданци“ е поддржана од  Советот на Општината, односно, од сите партии, како и од организациите на граѓанското општество, сепак, притисоците против успехот на референдумот се евидентни, со што станува очигледно дека партиските структури на локално и на централно ниво имаат различни позиции по ова прашање.

Над 10 граѓанки и граѓани не можеа да го остварат своето право, затоа што ги немаше на Избирачкиот список. На едно избирачко место се нотира дека УВ-ламбата не работела.

Набљудувачите на ЦИВИЛ известуваат и за недоволна обученост на дел од членовите на избирачките одбори.

Набљудувачите на ЦИВИЛ остануваат на терен до крајот на пребројувањето на гласовите.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish