„Ќе зборувам за слободата на изразување. Јас сум млада новинарка која штотуку ја започнува својата кариера во една нова телевизија, и чест ми е дека сум слободна на оваа телевизија да го напишам она што го мислам и сакам да го истражувам“, рече новинарката Арбана Ќерими на мултимедијалниот настан „За слобода на изразувањето“.
[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=Ggs8HGqxsdg[/youtube]
„Пред една година бев токму во ЦИВИЛ, и таму ги научив првите чекори во новинарството. Оваа ноќ на себе го носам беџот "Freedom" (Слобода), кој го направи другарот и колега Џабир Дерала, тоа беше за ‘Шарли Ебдо’, а, за жал, ситуацијата е веројатно уште полоша, тука во Македонија, во однос на слободата на изразување.
Слободата на изразување е основно право на секој човек. Кога се зборува за слободата на изразување, тоа не значи само за медиумите, значи, дека имаме потреба од слобода и тешко ни е да се изразиме, во автобус, во нашите домови... Затоа, секој од нас поединечно, мора да се бори и да се изрази на кој било начин – на Фејсбук, пред медиумите ...
Денес имав задача да направам една тема. И, направив анкета во центарот на градот и видов колку им е на граѓаните тешко да зборуваат за своите проблеми и да го изразат своето мислење. Обично, нивниот одговор е дека тие не се компетентни. А јас мислам дека секој граѓанин е компетентен и треба да има свој став“.
На мултимедијалниот настан посветен на слободата на изразувањето и слободата на медиумите, на граѓанското новинарство и на активизмот „За слобода на изразувањето“, што во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода се одржа на 1 јуни, во центарот на Скопје, на присутните им се обратија шестмина новинари, граѓански новинари и активисти.
Томислав Кежаровски на македонски јазик, Арбана Ќерими на албански, Синиша Станковиќ на српски, Хадис Сулејман на турски, Дехран Муратов на ромски и Ермин Климента на босански јазик, односно секој на својот мајчин јазик, отсликувајќи ја така Македонија како земја на различни етнички заедници, сите заедно проговорија за медиумскиот простор во земјава, за човековото право на слободно изразување, за потребата да се искаже јавно својот став, за недостатокот на објективно известување и за извртената реалност која секојдневно се пласира во медиумскиот простор.
Мултимедијалниот настан „За слобода на изразувањето“ е во рамките на проектот Граѓански објектив, финансиран од National Endowment for Democracy.
Оваа вест е достапна и на: Albanian