„Уставниот суд има многу ограничена улога. Иако има можност да се јави како негативен законодавец, да укине или поништи закон, тоа го прави многу ретко, односно само во 18 отсто од случаите. Главно се самоограничува и се воздржува, особено за заштита на човековите права. Во овој дел го ограничува и Уставот, само три човекови права можат да бидат заштитени од Уставниот суд, но сепак, за 25 години независност, има донесено две одлуки за заштита на човекови права и тоа само во еден случај одлуката е мериторна“, е заклучокот во научниот труд „(Не)Трансформативната улога на Уставниот суд на Република Македонија“, кој во разговор за ЦИВИЛ Медиа, го претстави Марија Ристеска, авторката на трудот.
Уставниот суд, во овој труд не се анализира како судска институција, туку како политичка институција, што значи дека Уставниот суд не решава за прават помеѓу две страни во судски спор, туку носи одлуки со кои наметнува нови правила и нови вредност и има моќ да го трансформира општеството.
Со Ристеска разговаравме за факторите кои влијаат врз пасивната улога на Уставниот суд, како и а препораките кои се дел од трудот.
„Фактори кои влијаат врз улогата на Уставниот суд се мандатот и изборот на судии. Непрецизните квалификации за тоа кој може да биде судија, е првиот проблем. Според сегашните услови доволна е правна диплома и кандидатот да биде истакнат правник, но конкретно не се бараат искуство, добиени случаи, награди, признанија... За судија, условот е кандидатот да има завршено Академија, а за уставен судија, потребна е само диплома, а тоа е највисок суд во државата“, посочува Ристеска.
Проблемот, според истражувањето, е и во мандатот на судиите.
„Мандатот од девет години се смета дека е дирекна гаранција за независноста, но ако се направи кросанализа со квалифакциите, ќе се забележи дека судијата може да е на почеток на кариера и со тоа не се гарантира независност. Тој мора да е фин и милостлив кон властите, за после завршување на мандатот, да може да најде работа. Што нема да е случај ако судиите се избрани на крај на својата кариера“, вели авторката Ристеска.
Тоа што загрижува е и индиферентноста кон меѓународното право и судските пресуди на меѓународните судии. Уставниот суд се повикува на нив но не ги спроведува. Сѐ уште приоритет се дава на традиционалните вредности, пред човековите права. Потврда за тоа се Законот за абортус и Законот за одбрана. Во овие два закона како што вели Ристеска, Уставниот суд, одбива да се повика на човековите права и се повикува на традиционалните вредности.
Потребна е длабока уставна реформа, но не нагло, како што бараат дел од експертите, туку постепено, со изготвување на Закон за Уставен суд, затоа што Македонија е единствена држава во Европа која нема ваков закон, е ставот на Ристеска.
„Ваквата еволуција би опфатила и законски реформи, усвојување на Закон за Уставен суд, подобро регулирање на опфатот на заштитатат на човековите права, што пак би поставило основа за делотворни и успешни процедури кои би ја зајакнале трансформативната и демократизирачка улога на Уставниот суд на Република Македонија“, заклучува Ристеска.
Научниот труд „(Не)Трансформативната улога на Уставниот суд на Република Македонија“ е дел од проектот „Судовите како креатори на политика: оценка на улогата на Уставните судови како агeнти на промена во Западен Балкан”, финансиран од Регионалната програма за поддршка на истражувањето во Западен Балкан на Швајцарската агенција за соработка и развој. Проектот е предводен од Аналитика - Центар за општествени истражувања, а во Македонија беше спроведен од Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП).
На стручната јавна дискусија зборуваа проф. др. Гордана Силјановска Давкова и Судијката Маргарита Цаца-Николовска.
Марија Теговска