Ристевска Јорданова: Да се отстрани стравот и притисокот врз гласачите!

ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со праксата да биде отворен подиум за ставови и анализи на општествено-политичките процеси во изборен контекст.

Редакцијата ЦИВИЛ Медиа направи мини серија од разговори со истакнати интелектуалци, јавни личности од општествената сцена, експерти и аналитичари, од кои добивме низа интересни и значајни гледишта и анализи. На сите соговорници им беа поставени исти прашања кои се однесуваат на развојот на преговорите за надминување на политичката криза, на опструкциите и прекршувањата на „Договорот од Пржино“ и на можностите за создавање вистински услови за слободни избори во април 2016 година.

Овие разговори се дел од активностите на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Д-р Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика (ЕПИ) смета дека Владата има структурна предност, стекната со веќе десетгодишното владеење и  дека тешко ќе  може  да се обезбедат, не само идеални, туку и блиску до идеалните услови за политичките конкуренти.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=aES5_MZskZ0[/youtube]

ЦИВИЛ Медиа: Како го оценувате политичкиот процес во Македонија во контекст на имплементацијата на договорот од Пржино?

РИСТЕВСКА ЈОРДАНОВА: Политичкиот процес  се одвива забавено, со многу пречки со многу, дури и намерни задоцнувања,  но, сепак се одвива,  сепак, на некој начин, се спроведува договорот. Така што, во целина може да се каже  - да,  се спроведува со значителни недостатоци кои можат да имаат сериозни влијанија врз крајниот исход на договорот.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се најсериозните прекршувања на договорот од Пржино?

РИСТЕВСКА ЈОРДАНОВА: Најсериозни  прекршувања  се задоцнувањата и тоа во однос на анкетните комисии, тие требаше веќе да постават извештаи. Потоа,  во однос на назначувањето на министри  и заменици  министри.  Практично во сé се доцнеше,  освен во враќањето на опозицијата во парламентот. Се доцни исто така, и во создавањето улови за работа на Специјалната  обвинителка, така што има доцнење кај клучните точки од договорот. Она што е уште позначајно е што никој не обрнува внимание на клучните, итни реформски приоритети, кои исто така, имаат големо влијание во создавање на еднакви улови на изборите, што конечно е и цел на овој договор, а тоа многу  малку се следи.

Дел од прекршувањата се и клучните реформски приоритети, затоа што практично, сега не е јасно кои од итните реформи и приоритети се очекува да бидат спроведени до април, а кои можат да почекаат, но тоа не е ниту видливо, ниту јасно кажано од Владата, ниту пак, според очекувањата од Европската комисија. Така што останува едно сиво поле.

За жал, за многу итни реформски приоритети дури има назадување, како на пример, во правосудството, каде што нема напредок кај ниедна од точките, напротив, она што се случува е назадување. Покрај организираните расправи, реално и натаму се назначуваат, предлагаат судии, без да се сменат условите за назначување и определување, на што се инсистира во клучните  реформски  приоритети. Ова го кажувам само како пример. Она што се случува околу медиумите, исто така, е многу значајно, затоа што еден од клучните услови да има еднакви услови за фер избори се - токму медиумите. Така што одолговлекувањето на договор - како можат да се сменат условите за медиумското претставување  и воопшто, за известувањето на медиумите пред изборите е клучна повреда на договорот и може сериозно да влијае.

Следна точка што ја гледам како проблематична е притисокот врз администрацијата. И покрај тоа што формално не може да се фокусирате конкретно на некоја од точките, сепак, во клучните реформски приоритети има точка за спроведување на законот за администрација... Има и точка посветена на трансформирање на времените во трајни вработувања, но тоа не се случува, баш напротив. Тука, клучно е да се оневозможи притисокот врз администрацијата,  но тој продолжува. Ова не може да се направи со законски мерки, многу  е тешко да се спречи тој притисок врз администрацијата, тој продолжува и понатаму.

ЦИВИЛ Медиа: Дали и како е можно да се создадат услови за слободни избори во април 2016?

РИСТЕВСКА ЈОРДАНОВА: Колку и да сакаме да бидеме оптимисти, Владата има една структурна предност која е стекната со веќе 10-годишното владеење и  тешко дека ќе  може  да се обезбедат, не само идеални, туку и блиску до идеалните услови за  натпреварувачите,  конкурентите на овој простор. Тоа што може да се направи е со неколку клучни потези, како што беа тие во Пржино, да се смени климата генерално во Македонија. Да се отстрани колку што може стравот и притисокот кај гласачите. Но, велам, за тоа е клучно да има сериозни промени во односот кај медиумите, кај известувањето, да има голема промена, да се оневозможи натамошната контрола на медиумите од Владата и притисокот врз администрацијата  да се намали.

Марија Теговска

Камера Дехран Муратов

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish