Родителите бараат поголеми права за децата со посебни потреби!

Родителите на деца со посебни потреби во понеделникот одржаа мирен протест пред Владата, барајќи промени во законите кои би резултирале со поголеми можности за права за нивните деца. Тие порачаа дека децата не се партија, „туку дечиња кои заслужуваат многу повеќе од тоа што го добиваат“. Родителите на децата со посебни потреби излегоа на мирен протест затоа што, според нив, нема друг начин како јавноста да слушне за нивните деца кои се „заборавени од државата“.

Според Домника Кардула, мајка на Ерато, родителите бараат прием кај премиерот и со никого друг не прифаќаат да разговараат: „Денес имал обврски, но постои можност да најде време. Ако не - во тек на неделата. Родителите имаат став дека ако не добијат одговор за неколку дена, повторно ќе излезат на протест. Барањата се срочени како Предлог мерки и тоа до три министерства - за здравство, за образование и за труд и социјала. Значи, се бараат и измени на законите, но и имплементирање на постојаниве. Некои законски одредби се ОК, меѓутоа, само на хартија постојат.“

Да си подадеме ракаСпоред истражувањето што го спроведе Народниот правобранител во основните училишта во учебната 2014/2015, училиштата не се подготвени за инклузивно образование. Омбудсманот Иџет Мемети, презентирајќи ги наодите од истражувањето, за медиумите изјави дека “училиштата не се кадровски, просторно, ниту материјално опремени со потребните наставни средства/помошни материјали. Од друга страна, наставниот кадар не е доволно (во некои училишта, воопшто не е!) обучен за работа со деца со аутистичен спектар на нарушување“.

Воедно, Мемети вели дека според истражувањето, „мал број на училишта имаат дефектолог. Во најголемиот број од основните училишта дефектологот е мобилен (општински) и покрива неколку основни училишта, или работи генерално, со сите деца со посебни потреби. Во дел од основните училишта, родителите на овие деца на сопствен трошок обезбедуваат дефектолог, а има случаи кога и самите родители ги придружуваат децата за време на часовите.“

Народниот правобранител порача и дека треба да се спроведуваат континуирани обуки за наставниот кадар во основните училишта за работа со деца со аутистичен спектар на нарушување и да се вработат дефектолози и специјални едукатори/асистенти кои ќе работат со овие деца.

Протест за децата со посебни потреби,ЦИВИЛ Медиа побара став на Владата за барањата од протестот на родителите од портпаролот Александар Ѓорѓиев, преку СМС и мејл,  но не успеавме да стапиме во контакт.

Според Ангел Димитриевски, претседателот на People-to-People International (PTPI) – Скопје, кој боледува од епилепсија, „живеењето со најразлични видови на здравствени состојби и дијагнози секако не е лесно. И кога се зборува за еднаквоста, се очекува најмногу институциите да формираат една средина која ќе биде пример што ќе го следат и другите.“

Тој смета дека секој ја води битката за еднаквост на свој начин, без оглед дали станува збор за обезбедување месечна терапија со лекови, за непристапност до институциите за лица со физички хендикеп, за немање кадар во училиштата што ќе работи со деца со интелектуална попреченост или за недостаток на понуда на работни позиции за оваа група на граѓани.

И Ангел и родителите на протестот сметаат дека должноста на институциите е да се ангажираат за важните прашања за оваа заедница, а во моментот кога тие ќе „заборават“ да дејствуваат, должност на јавноста е да ги потсети на нивните обврски.

Емрах Реџепи

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian