Невладината организација „Романо авази“ („Ромски глас“), вчера во скопската населба Шуто Оризари, со претежно ромско население, ја одржа првата од шесте планирани, јавни дебати низ Македонија, на тема „Политичка криза во Македонија и Ромите“. На дебатата присуствуваа дваесетина граѓанки и граѓани од различни возрасти и професии, кои разговараа за невработеноста, за неинформираноста, за сиромаштијата, за изборните уцени...
На дебатата имаше поплаки од граѓаните дека нивниот глас никој не го слуша, па ни ромските политички претставници. Учесниците на дебатата истакнаа дека Ромите најчесто живеат на работ на егзистенција и дека нивните социјални проблеми се користат од политичките партии кои во Ромите гледаат само гласачка машинерија.
„Целта на дебатите е да се слушне мислењето на Ромите низ цела Македонија, како тие гледаат на актуелната политичка криза во државата и со кои проблеми се соочуваат. Откако ќе ги завршиме дебатите и ќе ги собереме мислењата и ставовите на Ромите, ќе излеземе со конкретен заклучок “, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Акиф Кариман од „Романо авази“.
Од наредната недела ќе се организираат дебати со граѓаните Роми во Куманово, Битола, Тетово, Штип и Дебар. Партнери на „Романо авази“ се едукативниот медиумски центар „Асоцијација 24 вакти“, коишто сите дебати ќе ги објавуваат на нивниот веб - портал на ромски јазик.
ЦМ
Оваа вест е достапна и на: Albanian