Ромите не се само за во Шутка!

Конечно, по шест години изградба, на 2 септември свечено беше пуштено во употреба средното училиште „Шаип Јусуф“, во Шуто Оризари. Социјалните мрежи беа преплавени со коментари од типот: „Конечно, и во Шутка има средно училиште!“, „Браво за премиерот Никола Груевски и за пратеникот Амди Бајрам...!“

Ете, и од мене, едно големо - браво! Само, некако, нели и ред беше. 21 век е, а ние се радуваме на училишна зграда, на канализација, на водовод, на улично осветлување... (Ако бидеме добри со и околу гласовите, можеби пред априлските избори, и жените во Шутка, конечно ќе се израдуваат и на гинеколошка ординација...).

Нејсе, ромските деца од Шутка ќе имаат можност да изберат неколку струки: медицинска сестра, градежен техничар, келнер, фризер и економска насока. Искрено се надевам дека ќе добијат квалитетна настава и училиштето нема да функционира како курс или дополнителни менторски и туторски часови.

Дехран Муратов

Дехран Муратов

Ќе ризикувам да бидам погрешно разбран, но подобро и тоа, отколку да молчам. Прво, најискрено, јас многу се радувам поради отвореното средно училиште, затоа што еден мудрец рекол: „Кој ќе ме научи една буква, јас цел живот роб ќе му бидам“. Но, дали и покрај сите придобивки, со тоа што конечно имаат средно училиште во Шуто Оризари, тоа не крие и можности за нови ограничувања за Ромите?

Не можам да се оттргнам од впечатокот дека најголемиот проблем и понатаму ќе биде во тоа што ромските средношколци и со новото училиште, ќе останат изолирани. Иако дел од родителите се задоволни и велат дека нивните деца во „својата“ средина ќе бидат позаштитени и дека во Шутка никој нема да ги малтретира (бидејќи децата, наводно, постојано им се жалат дека се тепани од деца од други етникуми вон Шутка), таквиот пристап на врзување за  „природната“ средина, всушност, води кон уште позасилена гетоизација на Ромите.

За заштита од насилници од било која националност, постои полиција која мора да ги заштити сите жртви на напади, особено малолетните ученици, без разлика на етничката, националната, верската припадност или на сексуалната определба, на пример. Не сум убеден дека со долго очекуваното отворање на ,,ромско школо“ во Шутка, ќе се реши проблемот, зашто не смее да им се одземе правото на ромските деца да се социјализираат, и во средните училишта во другите населби, да се запознаат со другарчиња Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци, Власи, Срби...  Ромите не смеат да бидат „осудени“ да учат само во Шутка, тие мора да добијат шанса квалитетно да се образуваат низ сите средни училишта во Скопје.

Како ќе се уриваат стереотипите и предрасудите за (и на) Ромите, ако останатите дечиња од другите етникуми немаат шанса да запознаат Ром/ка? Зарем и во иднина мислењето на македонската јавност за тоа кои и какви се Ромите, ќе се формира според „шегите“, како онаа навредливо потценувачката „дека сите деца во прво одделение се плашат од Рамче, затоа што татко му учи во осмо одделение во истото училиште“.

Можеби излезот е во зголемување на бројот на мулти-култи проекти за децата од различни националности да се запознаат меѓу себе. Но, јасно е дека прифаќањето на Ромите и нивното вклучување во македонското општество, мора да биде системско решение. Затоа што, само со предизборни кампањи за чистење на совеста на политичарите – „еве, сега имаат и средно училиште, само нека си седат во Шутка“, сигурно нема да може да се зближат децата од разни етнитети. А тие, токму на таа возраст, сé уште неиндоктринирани од балканските предрасуди и шовинизам, полесно меѓусебно се прифаќаат како еднакви.

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email