Конечно, по подолго време, невладината организација „Романо авази“ („Ромски глас“) одржа јавна дебата - „Политичката кризата во Македонија и Ромите“, на која учествува дваесеттина Роми со различни образовни, социјални и религиозни профили. На дебата беа изнесени интересни ставови и размислувања, кои за жал, ја соголија тажната вистина за недоволната информираност на граѓан(к)ите Роми, кои 25 години се жртви на манипулациите и на лажните ветувања на власта, за нивната маргинализација во општеството и за користењето на заканите или поткупот за обезбедување на нивните гласови во сите досегашни изборни циклуси.
Еден од присутните, на пример, рече: „Јас имам идеја да се отвори во Шуто Оризари една канцеларија на ВМРО-ДПМНЕ и секој што ќе сака да се вработи, да оди директно таму, а не кај ромските политички партии, бидејќи само така, нема да може да не уценуваат за гласови“.
За жал, поголемиот дел од Ромите не сфаќаат дека најголемиот проблем е токму во тоа – дека партијата која узурпираше сé и сешто, едноставно, мора да ги тргне рацете од државните институции! И дека и МВР, мора повторно да биде МВР - наместо МВРО. Ромите мора да сфатат дека вработување треба да бараат, споре сопствените квалификации, преку Бирото за вработување, а не од политичките партии на власт...
Ромите се недоволно информирани и поради тоа што намерно се држат во медиумски мрак. Еден учесник на дебатата рече дека сака да ги извести останатите, оти „од вчера е укинат законот со кој се укинува социјалната парична помош ако корисниците примат пари од странство преку брз трансфер на пари“ (преку Вестерн Јунион, Маниграм, на пример...). А тој закон, всушност, е укинат пред неколку месеци кога министер за труд и социјална политика беше Фросина Ременски од СДСМ. Но, сега провладините медиуми ја форсираат информацијата - колку Ромите да поверуваат дека министерот Диме Спасов од ВМРО-ДПМНЕ е „спасителот“.
Ромите учесници на дебатата истакнаа и дека од меѓународната заедница никој не ги посетува и не разговара со нив. Дел од граѓаните Роми, инаку, често изјавуваат и дека се плашат да зборуваат јавно и да им се спротивстават на лидерите на ромските политички партии, бидејќи „немале грб“.
„Еве, овие од Шарената револуција протестираат, фарбаат, маваат со јајца..., но тие имаат грб однадвор, и од СДСМ и од Сорос, а ние малку да гукнеме, веднаш ќе ни дојдат дома локалните тепачи и ќе не замолчат“, рече еден од учесниците на дебатата. Друг пак, резимираше: „А бе, каква политичка криза, нема криза, сето ова го прави Сорос...!“
Учествувајќи на дебатата, ги слушав и не можев да сфатам... Па, токму тој Сорос е „виновен“ што денес има десетици дипломирани Роми и уште толку запишани студенти и средношколци. И сега, се прашувам: Зарем навистина тој Сорос, на младите Роми им дава стипендија да завршат факултет, да станат образувани млади луѓе, со единствена цел да и се спротивстават на актуелната власт?
Со неиформираниот и особено, доведениот во заблуда, лесно се владее. Затоа, се надевам дека ромските медиуми, особено програмата на ромски јазик на јавниот сервис – МРТВ, конечно ќе станат средства за информирање, а не за партиска пропаганда на владеачките партии..
Оваа вест е достапна и на: Albanian