Како се доближува датумот за предвремените парламентарни избори, сé поинтензивни се преговорите кој со кого ќе коалицира. Но, ставовите на ромските политички партии се нејасни, односно, лидерите сé уште не се изјаснуваат со која од „големите“ политички партии ќе настапат на изборите.
„Од вчера сме отворени за коалицирање со било која политичка партија којашто ќе ги исполни нашите услови. На прво место, сé уште ни е приоритет ВМРО-ДПМНЕ, но со нив ќе бидеме во коалиција, само ако тие не коалицираат со пратеникот Амди Бајрам“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Неждет Мустафа, претседателот на Обединетата партија за целосна еманципација на Ромите (ОПЕР).
Мустафа е министер без ресор во Владата на Република Македонија, кој беше задолжен за спроведување на Декадата на Ромите, а министер стана во Владата на поранешниот премиер, Никола Груевски, кој моментално е претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Самка Ибраимовски, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека деновиве треба да се сретне со лидерот на опозицијата Зоран Заев, за да разговараат за нивната коалиција на претстојните парламентарни избори. Тој истакна дека досега немал никаква средба со Неждет Мустафа и дека шпекулациите кои се „вртат“ на Фејсбук дека двете ромски партии ќе коалицираат на изборите, се целосно неточни.
„Сметам дека СДСМ нема да наседне на политичката игра на Мустафа, и дека, доколку сакаат да го придобијат ромското гласачко тело, тогаш нема да коалицираат со него. Ние ќе им ги пренесеме нашите барања и доколку не ги прифатат, ние ќе размислиме за напуштање на опозицијата. Мустафа е вешт политичар и сметам дека неговиот потег да не коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа откако проценил дека на следните избори ќе победи опозицијата. Сега, за да се оправда пред ромското гласачко тело, вели дека нема да коалицира со ВМРО -ДПМНЕ, ако тие не го исфрлат Амди Бајрам, а воедно е свесен дека тоа е невозможно. Еве, јавно прашувам, зошто Мустафа не излезе од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, во изминатите 10 години, кога во истата коалиција беше и Амди Бајрам...!?“
ЦИВИЛ Медиа се обиде да добие одговор и од ромската политичка партија Сојуз на Ромите (СРМ), меѓутоа нашите обиди беа неуспешни. Ниту лидерот на партијата Амди Бајрам, ниту претседателот на УМ на СРМ, Реџеп Али Чупи, не одговорија на нашите телефонски повици и мејлови.
Дехран Муратов