„Планираме е да ја претставиме т.н. социјална картичка, којашто ќе овозможи, преку софтверски систем, податоците на лица кои добиваат финансиска поддршка, во зависност од нивната ситуација, да може да бидат проверени на транспарентен начин и ќе се претставуваат информациите во реално време, со што ќе се минимизира потребата да се покажува документација од овие групи, ќе се намалат административните трошоци кои ги има во оваа насока, и ќе се избегне и забавување на процесот“, открива Кастриот Реџепи, член на Претседателството и секретар на секторите во Движењето „Беса“ во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се програмските определби на вашата партија во однос на социјалната правда?
РЕЏЕПИ: Ние како Движење „Беса“ цениме дека социјалната политика не смее да биде инструмент што се користи како милостина и да зависи од волјата на државата и политичките партии, туку треба да биде во служба на граѓаните, за да се обезбеди нивна подобра економска благосостојба. Движењето „Беса“ е во фаза на завршување на програмската платформа за социјалните политики и благосостојбата, консултирајќи и надворешни експерти. И, ние оценуваме дека досега имало два пристапа. Според еден од пристапите – се мисли дека ако постои добра економска политика, тогаш нема потреба да се има социјална политика. И, од друга страна, се има еднонасочен пристап, кој ја гледа социјална политика само како милостина за сиромашните групи, само како социјална помош за населението.
Ние сме за конзистентна социјална политика, која се базира врз основа на искуствата на модерните политики, кои се користат во земјите во Европската унија, во САД и во други земји, која ќе вклучува многу области и постојано ќе нуди услуги за овие групи на население, на начин на кој може да им ја обезбеди благосостојбата, ангажирајќи се за домаќинско трошење на парите на граѓаните, но и на транспарентен начин, за да може да се минимизираат злоупотребите, кои беа присутни во минатото.
Имаме предвидено и неколку конкретни мерки, за кои ќе се ангажираме. Една од нив е демонополизирање на ова прашање, бидејќи досега, претходните влади на некој начин го затворија овој процес и се одбиваше да има инклузивност - од јавноста, од опозициските партии, од невладините организации и други заинтересирани страни, експерти, кои би можеле да придонесат за изготвување на успешни мерки и програми. Затоа, ние се залагаме за конференција на консензус, што е инструмент кој се користи во некои земји членки на ЕУ, во САД и во Канада, каде што за некои витални прашања за здрави општества, се доаѓа и се донесуваат заклучоци со консензус, за да се добие успешна рамка за дејствување во оваа област.
Еден од чекорите кои ги планираме е да ја претставиме т.н. социјална картичка, која што ќе овозможи, преку софтверски систем, податоците на лица кои добиваат финансиска поддршка, во зависност од нивната ситуација, да може да бидат проверени на транспарентен начин и ќе се претставуваат информациите во реално време (риал тајм), со што ќе се минимизира потребата да се покажува документација од овие групи, ќе се намалат административните трошоци кои ги има во оваа насока, и ќе се избегне и забавувањето на процесот.
Се залагаме за финансиска помош за семејствата, кои имаат членови со тешка попреченост, така што, поради неможноста тие да бидат активно вработени со полно работно време, да се обидеме преку финансиски додаток да им обезбедиме благосостојба и стандард и на овие групи на луѓе. Исто така, посебен акцент дадовме и на родителите - старатели, кои се ангажирани цело време со своите деца, така што тие, поради ограничувањата за учество во работа, да може преку некој вид на финансиски додаток и поддршка, да им се обезбеди да бидат на ниво на еден просек.
Ние зборуваме и за групата на земјоделците, за кои единствен извор е нивната земјоделска активност. И, нашата идеја е постојано да се прави анализа на нивните приходи во претходното тромесечје, а според тоа, да може да се даде поддршка, за да се достигне еден просечен доход.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се вашите сознанија за злоупотреба на овие загрозени социјални категории на граѓани, во политички контекст, особено во контекст на изборите?
РЕЏЕПИ: Општо е познато дека работата на политичките елити, на коалициските влади, субјектите што учествувале во минатото, ја доведе земјата во многу тешка економска ситуација, во која, особено состојбата на т.н. социјални групи, со најниски приходи, се влоши и затегна уште повеќе.
Ова, најпрвин, дојде како резултат на неефикасна работа, како и поради недостатокот на искрен интерес за решавање на ова прашање како што треба. Но, од друга страна, ова создаде терен за да се манипулира или, да речеме, да се таргетираат овие групации со ветувања или со некои видови на ад-хок помош, особено во периодот пред изборите.
Нормално, ние сме свесни дека бројот на оние кои ја напуштаат земјата, младите луѓе кои не гледаат перспектива тука, се зголемува и е доста висок, во растечки тренд. Исто така, имаме голем број на семејства кои постојано се соочуваат со огромни долгови, со извршители, така што не можат да се покријат, базирајќи се на нивните приходи. И тоа создава терен каде што за нив е важна каква било помош, финансиска асистенција, која би била во форма на исплата на средства, делење на различни видови помош или на пари во одреден период, особено пред избори. И, на тој начин, се попречува изразувањето на слободна волја, бидејќи се условува со обезбедување на овие средства, а и се уценуваат и оние кои се веќе во системот на социјална помош, со закани дека ќе бидат отстранети од листата. Поради ова, ние се залагаме за воспоставување на систем, кој нема да функционира како партиски инструмент, туку систем кој ќе биде транспарентен на тој начин што ќе ги заштити и ќе ги артикулира потребите и правата на населението воопшто.
ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања може да се сметаат како поигрување со очекувањата на граѓаните и гласачите?
РЕЏЕПИ: Многу е важно политичките партии да имаат структура на луѓе, кои ќе се ангажираат да се направи нешто за да се промени состојбата и да се гледаат себеси како инструмент во служба на народот, а не обратно. Што значи, и со нивниот избор и добивање на мандатите, тие да знаат дека имаат мандат од народот и дека доаѓаат да му служат на народот, а не на партијата, како што се случуваше досега.
Затоа, многу е важно ветувањата и програмските платформи да не бидат само парче хартија, еден атрактивен сувенир со многу страници и со ветувања кои не се остварливи, или со ветувања кои би можело да се остварат, но недостасува интерес на субјектот за да се спроведат. Сметаме дека сите ветувања кои се дадени, ако се искрени, може да се реализираат. И, ако се со идеја за да се ангажираат и да се согледаат сите можности за да се реализираат.
Сега, во моментов, се сеќавам на едно од прашањата со кои често се манипулира, а тоа е прашањето на пензиите за пензионерите.
Сите ние сме свесни дека постои длабока криза, дека и финансиските институции гледаат дека пензискиот систем во Република Македонија е речиси пред колапс, а има некои политички субјекти кои зборуваат за качување на пензиите, иако неколкупати стануваше збор за смешни проценти. Само, за да може да поентираат или да покажат дека нудат нешто.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се општествените и политичките последици од овие злоупотреби?
РЕЏЕПИ: Евидентните општествени последици се дека населението постојано оди кон осиромашување и нивната економска и социјална состојба не се подобрува, така што се зголемува незадоволството на населението од таквата состојба. Тоа се одразува така што помладите членови на семејството не гледаат перспектива во оваа земја и наоѓаат, постојано анализираат веб-страници и можности за да излезат надвор од државата, што е голема трагедија којашто ни се случува. Потоа, тука се отвора патот за зголемување на криминалот, бидејќи егзистенцијата ги тера да се бараат и најдат алтернативни начини за обезбедување на финансиски средства, кои не се во рамки на законите.
Од политички аспект, ова, како што реков, создава продлабочување на јазот помеѓу слојот со добра благосостојба, да не кажам слојот на богатите и, оној на сиромашните. Тоа значи дека имаме речиси исчезнување на средната класа во Македонија и, поради тоа што втората група, за жал, е поголема, се зголемува теренот за таргетирање, за манипулација со овие гласачи, со овие семејства. И, ние немаме слободно изразување на волјата, како што граѓаните сакаат, туку им се наметнува да дадат поддршка за одредена политичка опција, за која знаат дека нема да донесе нешто добро, но барем во даден момент, ќе им даде некои средства за да се покрие некоја моментална потреба.
ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната правда во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.