Работната сабота на мобилниот тим на ЦИВИЛ помина во дух на ослободување и активирање на граѓанките и граѓаните во Пелагонискиот регион, во заедничка комуникација, поддршка и соработка за првиот чекор кон слободата и демократизација на Македонија - престојниот изборен процес.
Прилеп нé пречека сончев и активен. Врвулицата од луѓе на градскиот плоштад пријатно не изненади. Мобилниот тим на ЦИВИЛ го искористи убавото време за директна комуникација со над стотина граѓанки и граѓани на Прилеп за политичката состојба, гласачкото право и за потребните чекори за да се спроведат слободни избори. Интересот за проектот и особено за учество во повикот за позициите во проектот беше изненадувачки голем. На плоштадот се поделија над 1.500 парчиња информативен материјал за само два часа. Претставниците на ЦИВИЛ дадоа изјави за локалните медиуми, а се сретнаа и со претставници на граѓанското опшетство и на политичките партии.
Но, ентузијазмот полека почна да спласнува кога под споменикот на Крали Марко, уредникот на ЦИВИЛ, беше најмладиот меѓу повозрасните прилепчани, главно пензионери, кои пладнуваа на клупите, и користејќи го убавото предпладне, евоцираа спомени од некои подобри времиња. На прашањето кое се наметна - за тоа каде се младите, следеа тажни одговори дека младите треба да ги бараме во јуни, кога ќе се вратат од печалба, на бродовите или нафтените платформи, од Италија или од Германија, колку да го видат семејството пред, нетрпеливо, пак да заминат…
Прилепчани отворено ги поддржаа активностите на ЦИВИЛ, со желба да помогнат во процесот на спроведување на слободни избори, активно набљудувајќи и известувајќи за сите нерегуларности поврзани со изборниот процес. Прилеп го напуштивме позитивни и среќни што успеавме да допреме до прилепчани.
Следејќи го патот од Прилеп кон Могила, пејсажот се менува, а сонцето полека го губи сјајот под натежнатите облаци. Патот пуст, без ниту еден автомобил да не одмине. Два-три трактори, 30 луѓе, мртви села, рѓосани силоси, напуштени фабрики... Како времето бавно поминува. Три кафиња во Могила чинат како едно кафе во Скопје. Очгледно, тука може да се живее и со 100 евра. Едно суредено плоштадче, но ниедна баба да го шета своето внуче. Младите ги прашавме како се живее, рекоа – добро! Тишината напласнета во Могила, во сивилото на саботното попладне е како скаменет, врамен миг, во време на политички турбуленции и живот за унапредување на чиј квалитет, како времето да е без време да го достаса...
Могиличани, како и кривогаштанци, како и секое пусто село во пелагониската рамнина, со збрчкано чело и безаба уста, ја фрлааат под нозе секоја лага, манипулација и пропаганда за богатството и просперитетот, за вложувањето во народот и во земјата. Во разговорот со неколкумина млади, ги прашавме кај се луѓето. Со нескриена гордост, еден од нив ни кажа дек во Општина Могила има 6.500 гласачи и тука некаде, заврши разговорот, а улиците останаа празни. И покрај 2.000 жители во Могила и бројот на гласачи во општината, ние видовме само пусти улици и силуети врамени во правот кренат од благиот ветер.
И во Кривогаштани, истата опиеност и „спокој“. Саботното попладне ги прибра жителите во неколкуте угостителски објекти, каде што поделени, во мали табори, комшиите се гледаат попреку, што е очигледно влијание на раскараноста, наметната од политиката. Муабет сé уште има, но претежно, преку зајадливи префрлања и мајтап на сметка на „противникот“. Се чини како, животот да застанал. Празните гнезда можеби и ќе се наполнат со штркови оваа пролет, но дали тоа ќе биде случај и со Кривогаштани, кое се празни сé повеќе, од ден - на ден.
Оттаму, присуството на тимот на ЦИВИЛ, внесе малку живот во мртвилото, изненадени и насмеани лица во овие две општини толку близу - а толку далеку од грижата на челниците кои ја диктираат општествената придобивка од демократијата и слободата на секој граѓанин.
Напуштајќи ја Могила, се понадевавме дека оваа депресивна слика од инаку убавиот, сончев ден, ќе ја осветлиме во Битола, некогаш центар на политичкиот и општествен живот, средиште на сите промени кои влијаеле на имиџот на македонскиот соживот.
Таа надеж нѐ напушти уште на самиот впез во „најградскиот“ град во Македонија.
Битола сета своја убавина и занес ја испринтала во староградските куќи на продажба, во Широкиот сокак, во корзото за пензионерите, во кафулињата со млади кои се на само еден чекор на заминување. Некогашниот Град на конзулите, без еснафскиот шмек, променет од тесниот видокруг на локалната власт, зачмаено се гуши во загаден воздух, изнасилени насмевки и контаминираниот живот од политички манипулации.
Битолчанки и битолчани желно го чекаат моментот на промени, подготвени да тргнат напред и активно да се вклучат во сопственото ослободување од секојдневните притисоци, уцени, закани и конечно да почнат да дишат слободно. Прекорувајќи се, пред се себеси за долгогодишниот спуштен превез на очите, што доведе до масовно иселување на младите – кои си ја побараа среќата во странство, голем број битолчани се загрозени од загадениот воздух, таму, под чистиот Пелистер. Се кренаа наведнатите глави, под налетот на агресивната експликација на моќ, се крена високо и гласот на битолчани, во потрага по чиста животна средина, но и по слобода, демократија и владеење на правото.
Поддршката која ЦИВИЛ секогаш им ја дава на Битола и на битолчани е срдечна, во заедничката борба во надминување на политичката криза, промената во системот на владеење и враќање на демократијата во градот.
„Напред!“ започна како проект од искуството на ЦИВИЛ од изборите, зa потребата - на објективен, непристрасен и едукативен начин да се прослeдат изборите, а во начинот на нивно спроведување најголем придонес да имаат граѓанките и граѓаните во Македонија. Моќта на граѓанките и граѓаните е во нивниот глас. Затоа, слободното гласање, без притисоци и манипулации, е предуслов да имаме избори без нерегуларности, фер, демократски и слободни.
Искуството од оваа патешествие, ни кажува дека како никогаш досега, потребна е промена на системот на владеење и дека граѓанките и граѓаните се тие кои ќе придонесат тоа и да се оствари.
Биљана Јордановска
Петрит Сарачини