Репризата на балканските филмови со насилство не е фенси во Македонија!

Не знам дали сте забележале, лични, прелични мои,  штом се приклештени или, како што вели народот, им дојде јајцето онаму каде што сонцето не свети, партијата на началниците и структурите кои гравитираат околу неа, секако под водството и според планот на една тесна криминална клика, секогаш прибегнуваат кон насилството.

Пишува: Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Се разбира дека тоа се очајнички обиди да се спасат од одговорноста за состојбата, во која што ја доведоа земјава. Така е и сега, со овој националистички и фашистички наратив кој почна пред изборите. Со „некаде со добро – некаде со нож“ и Ќосето, со „клетите Шиптари“, федерализации и кантонизации, со формирање на разни одбранбени здруженија, со академици и начртанија, се обидуваат да го дефокусираат вниманието од нив и нивното криминално владеење.

Гледате, веќе два месеци и повеќе, не се важни ниту кражбата на векот Скопје 2014та, провизиите и процентите, урнисаната економија, уништените и партизираните институции, тефтер - судството, поделбите во општеството по сите основи, растурените меѓуетнички односи, образование, здравство, земјоделие, ќорсокакот на патот кон НАТО и ЕУ...

Ниту пак се битни стотиците илјади заминати во странство, секако поради големиот број добрини на Пастирот и неговата тајфа. Се мавта со 450 илјади гласачи и некаков легитимитет, наспроти далеку поголем број граѓани, бар неколку стотини илјади повеќе, кои гласаа за промени и крај на овој криминален филм.

Но и оние што го добија гласот на граѓаните за промени, се во некој свој филм. Наместо веднаш да се фатат за работа, кај нас, како да гледаме реплика на Монти Пајтоновиот Народен фронт на Јудеја: Државата гори, а наместо да се гасне пожарот, се дискутира за големи работи – платформи, гаранции, мандати, потписи...Веќе 2 месеци поминаа, а Собранието не ја заврши ниту конститутивната седница. Аферим.

Во таква констелација, началниците прибегнуваат кон рецептот, којшто е повеќепати испробан на Балканот и Македонија. Бајат рецепт, ич не е фенси, што би рекол Пастирот. Но ете, баш тој упорно го сервира, некогаш со повеќе, некогаш со помалку успех. Некогаш го сервира со ГДОМати, некогаш со СОС. Некогаш за сервирање служат академици, некогаш прекрасни момчиња без вратчиња во црни униформи со беретки...

Не за џабе е наречен овој прекрасен и преубав полуостров - буре со барут. Она со што се закануваат насилниците, не е „филмска проекција“. Не. За жал, таа мала група на луѓе, кои држат во доброволно или принудно заложништво десетици илјади семејства, е подготвена да го направи сето она, со што се заканува. Кога навистина би можеле тоа да го направат.

За среќа, нашите локални бандити не се таков калибар. Тие се ситни души и лажговци, кои се подготвени да ги предадат и своите најблиски за да си ја спасат кожата. Тоа го знаат и оние, кои сега чекорат во строј зад нив. Затоа, иако навидум времето работи за нивните патрони, веќе наголемо бараат чаре за себе, многумина од пониските ешалони. Од началници до медиумски „куртони“. Што би се рекло, тече низ пантолони.

Младичот е подготвен да се обложи дека и овој пат граѓанките и граѓаните на Македонија нема да подлегнат на овие повици на криминалците во заминување, кои бидејќи високо летаа, очигледно сакаат да паднат бучно и со врева. Тој филм не го купуваат веќе дури ни оние кои што гласаа за нив. Се потешко се полнат автобусите.

Фали само уште да почнат посериозно да функционираат институциите. Таа пролет што ја бара огромното мнозинство граѓани на Република Македонија, не може да Ја донесе само СЈО. Таа бара визија, која се протега надвор од процедуралните каламбури, но и идеолошките и етничките бариери. Само така на началниците и шефовите на Фамилијата ќе им станува се појасно, дека мошне наскоро, ги чека друг филм. Ептен фенси. Ви текнува, како оние американските, со адвокати, судија, обвинители, обџекшн...