Граѓан(к)ите на општина Аеродром, здружени околу граѓанската иницијатива “Сакаме Аеродром да дише“, велат дека и покрај повлекувањето на новиот ДУП на “доработка“, ќе продолжиат будно да ја следат ситуацијата. Тие бараат да присуствуваат, како граѓани, на седниците на општинскиот совет, на кои ќе се изработува и ревидира новиот ДУП, и да бидат вклучени и консултурани при носењето на сите точки од Деталниот урбанистички план.
Од граѓанската иницијатива „Сакаме Аеродром да дише“ бараат да се заврши изградбата на веќе започнатите објекти и целосно да се стопира изградбата на нови. Тие бараат да се зголеми капацитетот на постоечките и да се изградат нови градинки и основни училишта.
„Факт е дека Аеродром е најзагадената општина во Скопје. Ова загадување, во најголем дел, се должи на градежната експанзија. Но, властите ја игнорираат реалноста и дополнително ја влошуваат алармантната ситуација преку непланското градење. Наместо зачувување на веќе постоечките зелени површини и создавање на нови, локалната самоуправа го одобрува нивното уништување со градежната експанзија . Дополнително, преку планираните градби по должината на кејот на Вардар, уште повеќе го спречува струењето на воздух. Исто така, нашата населба се соочува со постојан недостаток на претшколски и школски капацитети. На нашите деца не им треба уште една зграда или црква, туку им требаат места во градинките и доволен број на школски клупи. Ние граѓаните имаме потреба од зелени паркови, а не бетон и фонтани“, велат од граѓанската иницијатива „Сакаме Аеродром да дише“.