Жителите на прилепските села Бела Црква и Воѓани се крајно разочарани од власта. Сите досегашни ветувања дека ќе се подобри состојбата во земјоделството, не им се остварени. Наместо да си обезбедат подобар живот, од секојдневната, деноноќна работа по нивите, тие тврдат дека се презадолжени. Имаат подигнато кредити од банките, а ратите не можат да ги плаќаат редовно. На некои од нив им се блокирани сметките, а други живеат во страв дека извршителите секој момент ќе им затропаат на врата. Тие тврдат дека субвенциите им се исплаќаат парцијално, а никој од надлежните не им ги соопштува причините зошто е тоа така. И сега, при откупот на пиперката „капија“ наменета за ајвар, по просечни цени од петнаесеттина денари за килограм, тие се гневни на власта, затоа што парите за предадениот род ќе ги добијат следната година. Но, велат, што дотогаш?!
Жителите на Бела Црква ги споделија своите проблеми со екипата на ЦИВИЛ Медиа, но инсистираа на анонимност. Живеат во страв дека може да им се изречат казни, а дека нивните најблиски ќе бидат изложени на разни политички притисоци.
„Државниот апарат е на нула. Треба да му купиме јаже и да го обесиме. Да ми одреди тој на мојот труд цена, едно земи, друго земи... Никогаш од банка (10 денари) не била повисока цената, а се е поскапено, само производот наш не е. Таа Регулаторна комисија никогаш не вели дека струјата е скапа, евтина била, регулаторот за ЕВН ќе работи, а за нас - не! Оти, ние го храниме. Меѓутоа, ова е невидено, невидено чудо, ни во турско вака не било. Ама, многу сум нервозен, не можам да преживеам, имам повеќе расходи од приходи! Јас имам 70 години, има овде луѓе кои што немаат пензија. Од што ќе живее оној со вреќана на рамо, ене, го гледаш?!“, вели овој жител на селото Бела Црква, којшто се согласи да разговара со нас, само ако ја зачуваме неговата анонимност.
Нашиот соговорник е разочаран од власта. Вели, политичарите доаѓаат само за време на избори, а потоа, никој не се интересира за реалните проблеми и животот на земјоделците.
„Какви политичари, ние не знаеме дека тие постојат. Само кога ќе се гласа доаѓаат во селото, а потоа, очи не можеш да им видиш! Овде има работи коишто треба вулгарно да се изразат, разбираш? Толку се арогантни тие во Владата, што не мислат за овој сиромашен народ!“, додава овој револтиран човек, гневен на власта.
И многу други жители од селото се лути на власта. Велат дека овој притисок не можат веќе да го издржат. Ги чекаат изборите и се надеваат на подобри услови за живот.
„Стравуваме за нашиот опстанок, сите, секој од нас... Во селото жителите, најголем дел се поделени меѓу двете партии, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозиционата СДСМ. И што се случува? Иако условите за живот се претешки, оние кои ја поддржуваат власта, молчат, не зборуваат. Се плашат и тие, бидејќи ќе имаат закани, ќе имаат последици... Овие другите пак, критикуваат се, и од нив само лошо ќе чуеш. Не оти овде нешто добро се случува... Ние сме незадоволни, затоа што оние првите неколкумина, си ги вработија децата, а ние другите живееме со маките. Доста ни е од поделби! Сакаме живот, не сакаме веќе да се плашиме од инспекции, инспектори, од казни... Ако ви кажам јавно дека нема откуп, дека никој не води сметка за нас земјоделците, дека цената на пиперката е мизерна и дека ние коишто цела година сме по нивите едвај ќе преживееме, ќе ми дојдат инспектори на врата! И, што потоа?“, вели овој млад земјоделец.
По посетата на Бела Црква, заминавме во соседното село Воѓани. И таму жителите не пречекаа во страв! Дури одбиваа секаков контакт со екипата на ЦИВИЛ Медиа, иако како што рекоа, условите за живот им се претешки, а парите коишто ги заработуваат од земјоделство, не им се доволни за пристоен живот.
„Ајде, продолжете на друго место. Досега фајде од медиуми овде никој не видел. Се е како што треба, субвенциите се исплатени, се е добро и нема што да се снима овде“, ни рече еден од групата граѓани, собрана пред селскиот дуќан.
Другите, како да беа во дилема, дали да ги поделат со нас своите проблеми. Се погледнуваа еден со друг...
„Кажете таму и напишете, дека овде во Воѓани, ништо не е добро, работите ич не чинат, ама немојте да снимате, немојте со имиња, никој не сака проблеми, доволно ги имаме... Сега можете да продолжите, понатаму, одете на друго место“, ни рече еден од похрабрите.
При заминувањето од Воѓани по асфалтниот пат, затекнавме неколку млади момчиња, кои како што рекоа имаат само една желба - што поскоро да заминат во странство! Воопшто не се надеваат дека условите за живот некогаш ќе бидат подобри, а не сакаат да им помине животот во немаштија, во мизерни услови, и еден ден да личат на своите родители.
„Каква иднина тука, зошто да останеме во Македонија? За по дваесеттина години да се жалиме како и нашите родители дека нема пари за пиперките, дека кромидот завршува на депонија..., да немаме пари за пристоен живот...? Не, тоа нема да си го дозволиме! Ќе извадиме бугарски пасоши и ајде надвор! Светот е пред нас, кој сака нека остане и нека се занимава со тоа кој е на власт и кој треба да биде. Нам не ни требаат лажни ветувања за тажни и несреќни луѓе“, ни рекоа овие млади луѓе, единствените жители на Воѓани, на чии лица, забележавме насмевки.
Моника Талеска