Салиу: Нема затрупани под урнатините, состојбата на терен набрзо ќе се нормализира

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу во интервју за ЦИВИЛ Медиа, изјави дека веќе нема затрупани под урнатините во настраданите подрачја од поплавите што го зафатија Скопје и околните населени места во саботата. Доколку има семејства кои треба да бидат евакуирани, Салиу ги повика да се обратат и до Дирекцијата и до Министерството за труд и социјална политика, чии екипи се мобилни на терен деноноќно. До крајот на неделавата, според негови проценки, постојат реални можности состојбата во голема мера да се нормализира, во сите населени места да се обезбеди квалитетно електро-напојување, а инфраструктурата да се стави целосно во функција.  

ЦИВИЛ Медиа: Каква е состојбата во загрозените подрачја денеска?

САЛИУ: Од раните утрински часови има огромен број човечки ресурси: од органите на Република Македонија, од Владата, од Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и многу волонтери од соседните градови. Вклучени се повеќе од  240 машини, градежна механизација што е распоредена на сите позиции, каде што има потреба. Максимално се вклучени и пумпите за исцрпување на вода. Во попладневните часови очекуваме максимално подобрување на состојбата.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се најзагрозени подрачја во моментов?

Салиу: Најзагрозени подрачја во моментов се Стајковци и Сингелиќ. Се работи на повеќе улици, дел беа оспособени уште вчера. Исцрпена е водата од подрумите и од некои дворови, а сега се исфрла калта, којашто не може да се исфрли со помош на пумпите.

ЦИВИЛ Медиа: Имате ли и натаму пријави за интервенции за затрупани тела под урнатините?

САЛИУ: Не располагаме со такви информации. Она што го знам е дека беа загинати околу 22 жртви во тој дел. Во овој момент, нема пријави за други исчезнати лица.

ЦИВИЛ Медиа:  Колку исчезнати лица има во моментот?

САЛИУ:  Оние што беа исчезнати, биле во други куќи и тие се пронајдени. Сега, не сум сигурен, бидејќи сме постојано на терен... Се зборуваше за едно лице од вчера, но дали било пронајдено, не сум сигурен. Само за жртвите можам да кажам.

ЦИВИЛ Медиа: На терен во моментов, има многу семејства на кои им е потребна помош, немаат каде да спијат, немаат што да јадат и ним им е потребна евакуација од нивното место на живеење. Дали преземате мерки на тој план ?

САЛИУ: Точно така. Уште вечерта кога започна оваа криза, катастрофа, се вршеше евакуација на населението и сите оние кои сметаа дека домовите им беа потопени во вода и дека им е потребно евакуирање, тоа е направено. И денеска ако има потреба за евакуација на некои семејства, ние  сме подготвени и можеме да ги евакуираме. Други екипи работат со помош на Црвениот Крст, па храната се дистрибуира до сите на кои им е потребна.

ЦИВИЛ Медиа:  Но, на интернет се објавени многу видео клипови од граѓан(к)и кои и натаму бараат помош во храна, облека, постелнина..., кои тврдат дека досега не биле посетени ниту од владини претставници, ниту од невладини организации... Што со нив?

САЛИУ: Доколку има такви семејства, не треба многу по порталите да се расправаат. Има Дирекција, штаб до училиштето ‘„25 Мај‘‘, нека се обратат таму, ќе ги прифатиме и ќе ги однесеме до оние места, каде што ќе ги решиме нивните проблеми, само нека се обратат таму.

ЦИВИЛ Медиа:  Каде ги сместувате, евакуираните семејства на кои им е потребна помош?

САЛИУ: Тоа е обврска на Министерството за труд и социјална политика,чиј координатор е министерот Диме Спасов.  Меѓутоа, граѓаните можат да ја контактираат и Дирекцијата. Ние имаме свој штаб и камп, луѓе кои се 24 часа на терен, подготвени веднаш да интервенираат.

ЦИВИЛ Медиа: Кога според стручните оценки на Дирекцијата, состојбата на теренот ќе биде целосно санирана, а граѓаните ќе се вратат во нормален живот?

САЛИУ: Ова што ќе го кажам е мое лично мислење, впрочем, и моја одговорност. Врз основа на сето она што го познавам и работам, мислам дека до крајот на неделава, ќе има забележителни резултати, односно, животот на граѓаните, на тие семејства кои се во загрозените подрачја, ќе се стави во некоја нормала. Сметам дека во сабота или недела, ќе функционираат семејствата и ќе има струја во најскоро време, да не речам денеска или утре. Очекувам сериозно, целосно или делумно решавање на поголем дел од инфраструктурата. Меѓутоа, има улици, каде што треба многу време да се работи, можеби и месеци... Овде го посочувам селото Страчинци, каде е пропаднат во широчина од два метра, асфалтот на улицата, што беше изграден неодамна. Значи, се работи за поголеми зафати, но помалите улици, поплавените станбени објекти и живеалишта, според  мое мислење, до крајот на неделава ќе се завршат.

ЦИВИЛ Медиа