Сама против сите!

„Кога човек ќе замине надвор од својата татковина, ќе ги напушти своите најблиски, ќе се обиде да почне нов почеток, сам против сите, борејќи се за себе и за блиските, тој знае дека таму, некаде далеку, никој не мора да го прифати, не мора да му пружи помош, не мора да му помогне... Да, зашто, тој човек е таму странец, неретко, никој и ништо за околината. Но, јас токму така се чувствувам во мојата татковина. Како никој и ништо! Никој не сака да ти помогне, скраја да е - да те прифати, помош најубаво од никого да не бараш, зашто, и онака нема да ја најдеш. Најтешко е кога го нема блискиот да те прифати, кога нема да сака да ти помогне... Всушност, моите најблиски сакаат, но не се во можност, доволно е што ме примија во својот дом и им пружаат на моите деца и на мене неизмерна љубов.

muaZsOmНо, не можеш да се бориш против институциите и законите, против соседите и нивните зли јазици, не можеш против многуте други пречки кои допрва ќе ги наоѓам и ќе се справувам со нив. Сакам да ја слушнете и сфатите мојата приказна, која не е само моја, во неа ќе не пронајдете сите, сите самохрани мајки сме го поминале истиот пат во животот. Пат што сами го изодуваме, одлучуваме за нашите правци и насоки, за нашите грешки и поправки. Но, веќе не сме сами, сега не одлучуваме само за себе, сега имаме дел од нас кој чека на нашата одговорност, на нашите правци и насоки. Токму за нив ќе го продолжиме овој долг пат, полн со пречки, пат кон подобра иднина за нас и нашите деца.

Како и секој друг тинејџер, и јас се вљубив и како што викаат - умот го изгубив. Мислев дека мојата врска со него е нераскинлива, дека светот ќе го превртиме, воздухот заедно го дишевме, сонувавме, плановите доаѓаа сами до своето исполнување, едноставно, мислев дека живеам во бајка. Не беше се совршено, но каде го има тоа, и кој е совршен денеска, затоа се предадов и решив да уживам. Работевме, шетавме, едноставно, уживавме еден во друг, како во едно тело сплотени. Но, дојде до едно големо – но... Почна со не толку загрижувачки лаги, па се до големи, огромни лаги што животот ми го променија. На почетокот не беа опасни, но кога почнавме да го формираме нашето семејство, лагите веќе станаа закана за нашата иднина. Почна со лаги за неговото семејство, со криење на вистината за неговата мајка и за нејзината болест, продолжи со измислиците за таткото - херој што тој никогаш не го имал (сфатив дека за таков татко сонува), и со исчезнувањето на парите од нашата венчавка (за кои се колнеше дека ги уплатил за стан со кој сакал да ме изненади, па на крајот ги врати сите, до денар), за потоа да исчезнуваат и парите кои синчето ги доби од моите родители, што ме доведе и до тоа да се посомневам во погрешни луѓе...

Има ли потреба да набројувам, мислам дека ми ја сфативте поентата, почнав да живеам со еден патолошки лажго, лагите стануваа се побанални, а јас се чувствував валкано, измамено, бедно... Не бев јас таа што лаже, и се надевав и сакав да се промени, но тој продолжи и полошо. Измислувајќи болести, долгови, состаноци, почна да излегува по дискотеки (кои пред тоа ги мразеше), буквално да си го живее животот како некој што е слободен, а не татко на две деца, од кои едното е бебе.

Решив дека ако јас не пресечам, нема да се промени ништо, веќе немав никаква доверба во него и му се заканив со развод. Се сомневав во мојата љубов кон него, не им го гледав крајот на лагите, морав некако да го заплашам. Но, не бев свесна дека допрел до крајот. Едно попладне, по долго ѕвонење на неговите телефони, слушнав одговор: „Го пронајдовме, во подрумот, си пресудил, со кучешки синџир!“

И, молк... Само тоа... Молк! Ништо, ни за мене, ни за децата, ливче, поздрав, некоја пцост. Ништо. А моите очи суви, немам солзи, не течат. Човекот за кого душата ја давав, кого го сакав и секогаш ќе го сакам, ме остави. За мене, како-така, но децата, обележани за цел живот како деца без татко. Кој ќе ги сака сега како него, кој ќе се грижи за нив подобро од него. Иако живееше во лажен свет, нив ги сакаше, за тоа сум сигурна. Зошто ги остави? Тоа никогаш нема да го дознаам, ниту ќе можам да им го објаснам, зошто никогаш не сум можела да сфатам како може некој да има толку голема “храброст” да си го направи тоа себеси. По трагедијата, дознавав уште многу други лаги, кои не сум некако подготвена да ги кажам гласно. Ги кажувам во себе, но тешко е, болат тие проклети лаги.

Кога се обидувам да го резимирам пеколниот дел од животот, ме осветлуваат моите две сонца. Имаат толку искрени очи, толку полни љубов за сите, за целиот свет. Па, тие претопли рачиња, тие медни устиња, тој не е свесен што се пропуштил. А тие, дури сега ќе почнат да ја чувствуваат потребата за ТАТКО. И сега се тешки прашањата, уште потешки одговорите. Дали овие главчиња ќе ја прифатат реалноста? Еден ден – да,  но што дотогаш? Едно знам, борба е секој поминат ден, секој здив вдишан во градите, секоја солза пролеана (а нив ги имаше, откако се освестив што ме снајде)... Борба за себе најпрвин, потоа за децата. Морам да се зачувам себеси, за да ги чувам малите, кои најмалку се виновни, кои чекаат со раце отворени, со очи полни радост.

Тешко ќе биде, уште потешко ме чека, но имам причина, љубовта на тие деца е бесценета, не се купува. Кога ќе ја заслужиш, несебично ја даваат! За нив, и душата и телото, сé давам за нив!“

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата Инцијатива „Една може!“ (Një mundet! / One can!) за поддршка на самохраните родители, во чиј состав е и Групата за поддршка на самохраните мајки. Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.

Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.